По вчерашното распуштање на парламентот, Достоинство смета дека не се создадени услови за легитимни фер и демократски избори бидејќи до денес се уште не е прочистен избирачкиот список ниту пак е извршена регулација на медиумите како обврски кои произлегуваат од т.н. Пржински договор, рече претседателот на партијата, Стојанче Ангелов додавајќи дека тие нема да учествуваат на изборите токму поради овие причини освен ако не бидат отстранети посочените неправилности и недостатоци.
-Како дел од опозицијата ние не само што нема да учествуваме на вакви недемократски, нефер и нелегитимни избори, туку нема да дозволиме истите да бидат поддржани, односно ќе ги преземеме сите оние активности кои што може да се преземат во било која нормална држава и ако Македонија е далеку од нормална држава во овој политички аспект, вели Ангелов.
Ангелов најави протести, блокади и граѓанска непослушност во соработка со останатите политички партии вклучувајќи ја и најголемата опозициска партија.
Достоинство ги повикуваат сите политички фактори и сите слободоумни граѓани да не излегуваат на изборите на 5 јуни доколку истите се одржат бидејќи како што вели Ангелов тие дополнително ќе ја турнат Македонија во уште подлабока политичка криза.
Исто така ти ги повикуваат претставниците на меѓународните организации особено набљудувачите од ОБСЕ кои треба да ги набљудуваат изборите на 5ти јуни да се повлечат и со нивното отсуство да не дадат легитимет на овие потенцијални избори.
Достоинство очекува претседателот на ДИК да опстои на дадената изјава дека нема да го потпише избирачкиот список се додека тој целосно не биде прочистен.
Виктор Јованов