Поранешниот генерал, Стојанче Ангелов, вели дека е мета на континуирано следење и прислушување од страна на разузнавачките сили на МВР. Како што вели повеќе пати е влегувано во неговиот дом и претурано по интериерот, за што има и докази, а неколку пати очи во очи се соочил со оперативците.
Денеска пред Јавното обвинителство, Ангелов изјави дека се одлучил ова да и го соопшти на јавноста за да не остави простор да биде жртва на монтиран процес.
– Ме следат со техника на јапонско следење, но толку се непрофесионални и неуки па ги забележувам. Постојано сум следен тоа го знаат и луѓето што се со мене. Но оние кои ме следат се тутурутки, неспособни, не се полицајци туку се партиски примени, не си ја знаат работата – рече тој.
Ангелов се закани дека ако некој се приближи до неговиот дом ќе примени сила против него во заштита на неговото семејство.
– Што ќе се случи доколку ќерка ми влезе дома додека тие се наоѓаат таму и поставуваат смешни уреди. И не ги тргам, нека ме слушат, ништо не кријам. Јас се борам за државата, а еден ден сите овие ќе одговараат, самите оператици кои се ставаат во функција на режимот и кои со тоа вршат кривично дело – порача лидерот на „Достоинство“.
Тој уште еднаш ги демантираше тврдењата на провладини медиуми дека со лидерот на опозиционата СДСМ подготвуваат граѓански конфликт.
– Ниту јас ниту Зоран Заев сме здружени со исламски фундаменталисти и немаме намера да предизвикуваме граѓанска војна. Тие се тие кои дале 2 мил евра во липковскиот регион на криминална банда за да изврши напад – повтори Ангелов.
Маја Васева