Адвокатот на обвинетите во случајот „Монструм“ Насер Руфи, како и бранителот на обвинетиот Сејди Рама, кој е единствениот што доби ослободителна пресуда, велат дека пресудата со која шестмина обвинети добија доживотен затвор е базирана на неосновани сомнежи и без цврсти докази.
Адвокатот Насер Руфи по пресудата, незадоволен изјави дека судството не е независно.
– Оваа пресуда е базирана на неосновано сомнение, нема никакви докази и образложенијата тераат на големи сомнежи на владеењето на правото. Ќе ја обжалиме пресудата во рок од 15 дена – изјави Руфи.
Адвокатот Солоков, пак, исто така вели дека судот не понудил ниту еден цврст доказ.
– Јас не можам да бидам среќен бидејќи сите други ги прогласија за виновни. Можеби имаше индиции, но не и цврсти докази. Од самиот почеток до крајот го следен предмет и не видов доказ кој ќе укаже во тој правец дека сите други обвинети го сториле убиството.
За Бедри Ајдари, братот на обвинетиот во случајот „Монструм“ Фејзи Азири, тој бил осуден уште пред да излезе пред Истражен судија.
– Со тоа се докажува дека судијата само ги исполнува желбите на врвот на државата. Ова е голема неправда и не води кон нигде. Ќе се задоволи ли правдата ако се осудат невини луѓе. Се случи тоа што беше објавено на 1 мај 2012, а денеска беше само објавено. Ќе се жалиме преку други судови, но доста сме поучени од претходните случаеви, па не очекуваме било што – изјави Ајдари.
Петар Клинчарски