Вицепремиерот Маричиќ во Брисел на првиот билатерален скрининг состанок

Од:

Денеска во Брисел почнува билатералниот скрининг за Поглавјето 5, „Јавни набавки“, а заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ, ќе го предводи македонскиот преговарачки тим.

Членовите на Работната група за Поглавје 5 на билатералниот скрининг-состанок ќе им ја претстават на експертите од Европската комисија македонската законодавна рамка и нивото на усогласеност со правото на ЕУ во ова поглавје од преговарачкиот процес. Темите и областите опфатени во ова поглавје се однесуваат на општите принципи на јавните набавки, регулирањето на јавните набавки во општиот сектор, во областите на социјалната политика, животната средина, малите и средни претпријатија, иновациите, одбраната, концесиите, набавката на лекови, електронските јавни набавки, како и на меѓународните аспекти во оваа област.

Надлежна институција за ова поглавје е Министерството за финансии, односно Бирото за јавни набавки, а работната група е предводена од државниот советник во Бирото за јавни набавки, Александар Аргировски.

Објаснувачкиот скрининг-состанок за Поглавје 5 од Кластер 1, „Фундаментални вредности“, се одржа на 15 септември, со кое всушност почна скрининг-процесот. Делегацијата на Европската комисија на тој состанок го презентираше правното законодавство на ЕУ во областа на јавните набавки, односно беа објаснети новините во европската регулатива од 2018/2019 до денес.

Една од основните цели на скринингот е да се утврди разликата што постои во секое од преговарачките поглавја, меѓу законодавството на земјата кандидат и правото на ЕУ. По анализата се очекува државата кандидат да покаже дали ќе може да го прифати правото на ЕУ во одредено поглавје и да ги усогласи забележаните разлики во законодавството или има намера да побара одредени преодни периоди за целосно усогласување и примена на законодавството.

Северна Македонија иако заедно со Албанија ги почна преговорите со Европската Унија и заеднички ги следат објаснувачките скрининг-состаноци, за билатералниот скрининг се одделуваат и секоја земја продолжува засебно да ја води оваа фаза од скринингот.

Според календарот на Европската комисија, скрининг-процесот за Република Северна Македонија предвиден е да трае до крајот на ноември 2023 година.

Би можело да ве интересира

Украина и Молдавија ќе почнат преговори пред Македонија: „Проширувањето на ЕУ е секогаш политичка одлука“

Орце Костов

(ВИДЕО) Денков: Бугарија нема да го смени ставот кон Македонија, сега преговорите се помеѓу ЕУ и Скопје

Орце Костов

Хакер: Влезот на Северна Македонија во ЕУ е во интерес на Германија и на Унијата

Ана Ололовска

Сослушување во американскиот Сенат за влезот на С. Македонија во ЕУ, и за Западен Балкан

Ана Ололовска

Вархеји оптимист во однос на можноста за членство во ЕУ до 2030

Ана Ололовска

Маричиќ: Ако не го смениме Уставот, сами би се блокирале во процесот за евроинтеграции

Кристијан Ландов