Вицепремиерот за европски прашања Арбр Адеми денеска се сретна со двете ромски граѓански организации наградени од Европската комисија во рамки на повикот за Втора награда за интеграција на Роми во земјите од Западен Балкан и Република Турција.
Во рамки на повикот, како што соопшти Секретаријатот за европски парашања, првата награда во Република Македонија и припадна на невладината организација Ромски ресурсен центар за проектот „Туторска поддршка на ученици Роми кои учат во основно образование во Република Македонија“, а втората награда на Ромската регионална малдинско-образовна асоцијација за проектот „Сидата не знае да дискримира заштити се!“.
– Владата останува посветена на заложбите за заштита и унапредување на правата на Ромите, сметајќи ги маргинализацијата и предрасудите не само како проблем на ромската заедница, туку пред се директни закани за демократијата и основните вредности врз кои е изграден целокупниот систем за заштита на човековите права и слободи, истакнал Адеми.
На средбата, како што се наведува, беше повторено дека СЕП останува отворен за соработка со граѓанскиот сектор и за поддршка на сите активности кои се значајни и за процесот на европска интеграција. Истакнати биле и можностите за поддршка преку ИПА фондовите.
– Останува на сите нас заедно и во наредниот период високо на агендата да ја поставиме имплементацијата на тековни проекти кои ја таргетираат ромската популација, како и давањето приоритет на подобрувањето на состојбата на Ромите при програмирањето на странската помош, имајќи го предвид значењето на интеграцијата и вклучувањето на етничките заедници како важни прашања за нашата европска интеграција, потенцирал Адеми.
Наградите се однесуваат на придонесот и работата на граѓанското општество во поддршка на социјалната инклузија на Ромите во земјите од Западен Балкан и Република Турција.