Пишува Гоце Ристовски, м-р по културологија
Фотографија: Southern Nevada Diversity Roundtable
Стереотипи се поедноставени, неоправдано генерализирани и неточни мислења за припадници на групи луѓе. Се темелат на недоволно познавање на групата за која се говори или пишува и се наметнува погрешна, најчесто негативна, слика со групирање на личности според етничка припадност, религиозна и сексуална определба, пол и други категории. Со нагласено негативно емоционално оценување, стануваат предрасуди со кои се среќаваме секојдневно во реалниот живот, а кои водат во дискриминација, хомофобија, расизам…
Потребна е макотрпна „борба“ за нивно надминување, а притоа битна е улогата на медиумите. Во „Прирачникот за етика во новинарството“ се посочува дека повеќе укажувања за етноцентристичкото медиумско известување отвораат прашања за ситуацијата во која се најдоа медиумите.
„ (…) овие сознанија уште еднаш ги поставија во фокусот на вниманието улогата, посебноста и одговорноста на новинарската професија во општествена заедница каква што е Република Македонија.“
Мултиетничноста и мултиконфесиналноста се богатство на нашето општество. Новинарскиот придонес во афирмацијата на „еднаквоста на разликите“ треба да е поизразен за поголемо меѓусебното запознавање на различните култури (и верските обичаи и традиции во тој контекст). Во спротивно, се повеќе ќе се создава простор за наметнување на одредени религиозни вредности.Присуството на верските заедници во медиумите е главно на два начина: преку соопштенија, честитки, информации, (кој каде од државниот врв ќе пречека некој празник), интервјуа, пригодни статии, анкети со граѓани, извештаи од одржани прослави по градови, фото-галерии, практични совети (пр. „Научете да лупите јајца екстра брзо“) и слично. Тоа се прави по повод големи верски празници и кога станува збор за „екцсесни “ ситуации што се смета дека ќе предизвикаат внимание кај консументите. Првенствено „протоколарно“ и напати сензационалистички.
Вообичаенa цел на интересирањето на медиумите, на домашен терен, се двете најголеми верски заедници во Република Македонија – Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Исламската верска заедница. За помалите верски заедници се пишува помалку. И тоа главно за Католичката црква, Евангелско – методистичката црква и Еврејската заедница, како што редоследно и се наведени во Уставот на Република Македонија. Треба да се укаже дека формулацијата „и другите верски заедници и религиозни групи….“ не е најсреќно решение и новинарите, колку што можат, треба да ја одбегнуваат, бидејќи „другите“ всушност укажува на другост/инаквост. Подобро решение, иако не сосема најадекватно, е – останатите.
Еве пример за нерамноправниот третман на помалите заедници, поврзан со годинешните велигденски празнувања. Некои медиуми пренесоа честитки од високи претставници на власта освен до православните верници и до припадниците на Евангелско – методистичката црква. Но, не објавија дека истовремено овој празник (ниту како) го прославува уште една верска заедница во Македонија – Католиците од византиско-словенски обред, во народот попознати како Унијати, кои имаат своја долга традиција.
Во дел од медиумите се користат и погрдни и навредливи зборови за припадници на одредени верски заедници и нивните поглавари. Во информацијата „Влошено здравјето на Вранишковски – не му дозволуваат да биде опериран“ ПОА се означува со „самопрогласената Православна Охридска Архиепископија“. ПОА е „таканаречената Православна Охридска архиепископија“ на порталот Прес 24. Во „Република“ е „српската ‘филијала’ на СПЦ во земјава“. Во „Дневник“се користи термин „одметнатиот владика“. Порталот МКД најави дека „Според ПОА’ (во наднаслов) – „Расколникот Вранишковски бил сериозно болен“ (во насловот). Се конструира дека тој е „расколник“ според црквата на која е поглавар, што е манипулација. Навредливиот и омаловажувачки тон продолжува и во поднасловот.
Во „Прирачникот за етика во новинарството“ се укажува:
„Новинарот треба да знае со кој термин означува една заедница. Најдобар тест за тоа е прашањето дали таа заедница сака така да биде означена? Доколку терминот е навредлив, тој не смее да се користи независно од аргументите кои вам ви се чинат валидни или вообичаени.“
Основната деформација на вакви информации е врамувањето – обликувањето, пакувањето и интерпретацијата на информацијата. Кога станува збор за судење кога некој е обвинет, не затоа што е „расчинет владика на МПЦ“ туку „за проневера на пари“ професионалната новинарска етика налага, доколку се смета за оправдано да се објавува идентитетот, да се користи неговото цивилно име бидејќи се суди од граѓански, а не од црковен суд. Доколку се смета за оправдано, да се употреби неговото црковно име согласно неговата црква. Што се однесува до епитетите што и се придаваат на ПОА да се користи она што е факт – црква што не е регистрирана во Република Македонија или нерегистрираната црква.
Новинарите треба да ги одбегнуваат стереотипите и предрасудите и кога им се чини дека изнесуваат валидни и вообичаени „аргументи“.
Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).