Либералот Ивон Величковски смета дека потребата од продолжување на работата на Експертската комисија за настаните од 24. декември, е несомнена.
Затоа ги повика и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да ја продолжат работата, односно учеството во комисијата и да произведат заклучоци.
„Учеството на претседателот на Комисијата за настаните од 24-ти декемри, Борче Давитковски ќе го дефинира самиот тој. Но, деблокадата на комисијата е можна и само со работата на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и донесувањето на заклучоците и препораките на комисијата. Впрочем, тоа го сугерира и Европската Унија“, рече на прес конференција, претседателот на Либерална партија, Ивон Величковски.
Ги повика и двете партии да најдат доволно сили да ги надминат разликите согласно својата обврска пред граѓаните интеграциите да не запрат.
„Ако на ова прашање не може да најдеме решение, што останува за уште потешките предизвици со кои може да се соочиме во иднина“, праша Величковски.
Во врска со активното враќање на пратениците на СДСМ во собраниските активности, Величковски вели дека надминувањето на проблемот на комисијата само ќе биде понагласено ако сите пратеници го поттикнуваат ова прашање и во Собранието.
„Јас сум внатре и ги критикувам владините предлози согласно програмата што ја застапувам од 2011. Истото може да го практикуваат и сите опозиционери“, изјави Величковски.