Претседателот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи, кој денеска се сретна со еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, и тројцата европарламентарци членови на дијалогот Жан Моне, Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, вели дека е уверен дека на крајот на овој месец Македонија ќе добие датум за преговори со ЕУ.
Ист оптимизам и од страна на европратеникот и известувач за Македонија, Иво Вајгл, кој е убеден дека земјите членки ќе постигнат компромис по ова прашање и покрај негодувањата на земји како Франција и Холандија.
– Не е дека се надевам, убеден сум дека во ЕУ ќе преовладее интересот за стабилна Европа, што значи европска перспектива за земјите од југоисточна Европа. Можеби е тоа сега предмет на политички разговори кај членките, но верувам дека ќе се постигне договор, изјави Вајгл за МИА.
Мендух Тачи вели дека никогаш не бил толку оптимист дека ќе добиеме датум за преговори со ЕУ.
– Многу е важно што мојата импресија е дека земјите членки се многу блиску да ни доделат датум за почеток на преговори. Би требало заеднички како Влада да им објасниме на граѓаните дека е тоа најдоброто што може да им се случи, изјави Мендух Тачи.
Во тој контекст тој повика на соработка со граѓанското општество и интелектуалците во кампањата за референдумот за договорот со Грција.
За европратеникот Иво Вајгл, Мендух Тачи „е секогаш добредојден гостин“ во Европарламентот, јави дописничката на МИА во Брисел.
– Тој има долгогодишно искуство во политика, најголем дел од разговорот го посветивмена на ситуацијата околу договорот. Тачи смета дека тој договор отвора добра перспектива за подлабока соработка помеѓу власта и опозицијата во Собранието, додаде Вајгл.
Разговарале и за односите меѓу партиите кои ја застапуваат албанската националност во Македонија.
– Тачи рече дека се зајакнува емпатијата меѓу тие партии и подготвеноста за соработка. Тој рече дека очекува договорот за името да биде прифатен и дека мнозинството Македонци ќе го прифатат овој договор без разлика на тоа дека сега даваат разни проценки и го изразуваат своето незадоволство, додаде Вајгло по средбата со претседателот на ДПА.
Тачи потврди дека албанските етнички партии се координираат и дека тие секогаш биле про-ЕУ и про-НАТО. Запрашан дали стравува од етнички јаз околу ова прашање, Тачи изјави дека не верува во тоа.
– Внимателно сите ќе работиме да објасниме дека членството во ЕУ и НАТО не ги дели граѓаните, изјави Тачи за МИА.
Освен поддршка за старт на преговори, Мендух Тачи побарал од своите европски соговорници асистенцијата во политичкиот дијалог во Македонија да продолжи.
– Добив уверување од комесарот и европратениците дека ќе продолжат да ни асистираат во тој дијалог, го имаме веќе Жан Моне, и тој ќе продолжи, но од време на време и комесарот Хан и Могерини и пратениците секогаш ќе бидат подготвени да ни помогнат, изјави претседателот на ДПА. Дијалогот за време на Пржино 1 и 2, иако беше многу тежок, сепак успеваше, вели Тачи.
Тој попладнево ќе има средба со претседателот на Европската народна партија, Жозеп Дол, каде ДПА бара зачленување, и изрази уверување дека процедурите за то ќе започнат.