Доколку пропаднат преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ Македонија може да ја зафати сериозна криза која ќе се прошири на регионот, предупредува известувачот за земјава во Европскиот парламент Иво Вајгл во интервју за „24.Вести“.
– Не сакам да згрешам во мојата проценка, но прилично сум убеден дека постои потенцијал за сериозна криза која може да ги вклучи соседните земји. Од тие причини преговорите во кои учествувавме беа многу одговорно водени. Се обидовме да најдеме компромис за сите проблеми. Сметам дека процесот на преговори се уште е отворен, а ако истите пропаднат, тоа би можело да има сериозни последици не само за Македонија туку и за регионот – вели тој.
Вејгел повторува дека на последните преговори една страна не била подготвена на компромис, не посочувајки за кого станува збор.
Прашан за шпекулациите за американско посредство во преговорите, Вајгл вели дека секој кој има можност да влијае на инволвираните страни е добредојден во процесот.