Утврдување на преживеаното

Од:

Дојде и си помина денот кога, пред точно 10 години, св. св. Николае Груевски ја превзеде својата нова канцеларија на Бул. „Илинденска“ Б.Б. Една цела декада на бавно, болно и брутално паѓање кон бездната, што денеска ја познаваме како модерно-античка Македонија. Просто не ми се верува дека мојата генерација буквално порасна со режимот. Целиот мој адултен живот „се борам“ против фамилијата на власт. Многу време… многу. Сепак, оваа пригода ќе ја искористам за малку реминисценција. Да се потсетиме накратко што сѐ отиде по ѓаволите оваа една декада.

Најпрвин ќе почнам со „помалите“ работи: барокот, неокласицизмот и диктаторските хирови. Како дел од малцинството „стари скопјани“, ми се грози од фактот кога треба да поминам низ Центарот на Скопје. На главниот плоштад, во едно дадено време, има повеќе споменици отколку луѓе што поминуваат. Ги има и таквите што уживаат во овие парчиња на „архитектура“. Ако. За вкусовите не може да дискутираме. Но, затоа можеме да дискутираме за тоа колку народни пари (мои и твои) беа украдени или проневерени во овој проект. Според БИРН повеќе од 600 милиони евра чини проектот веќе, а 2014 помина лани. Уште не е довршено. Нови градби се најавуваат. Смешката на цела Европа сме, најкичаст град во светот. Страшното е што буџетот да ни беше во суфицит неколку години по ред, па и ајде да се луксузираме со вакви проекти. Тоа ме води веќе во следната точка – економијата.

Економијата на Република Македонија ви е како да продавате бурек, кој всушност го немате. Па се позајмувате од најблиската бурекџилница (ваш конкурент), ветувајќи им дека за 3 години ќе им вратите 10 пити бурек (има камата, се разбира). Се враќате во вашата бурекџилница, каде бурекот го делите на четири четвртини. Три четвртини ги јадете со вашите два најблиски братуџеди, кои се разбира дека не ви плаќаат, бидејќи сте фамилија. Последната четвртина ја продавате и со парите што ви останале, наместо да купите намирници за правење на нов бурек, вие купувате барокни столбови за да ја украсите бурекџилницата. На крајот од денот, немате скршен денар, немате бурек за продавање, но имате празна барокна сендвичара… и должите 10 пити бурек на конкурентите.

За да го решите проблемот, вработувате уште 10 луѓе да ви месат пити, но заборавате дека ниту имате намирници за работа, ниту планирате да купите. Работниците ситно ги плаќате, колку да не се без ич, од вашите лични заштеди, а притоа они ништо не работат. Следниот ден повторно се задолжувате, но овој пат од трета бурекџилница. Циклусот го продолжувате се додека има бурекџилници од каде што не сте се позајмиле. Толку ќе кажам за економијата.

Следствено на сите лудории кои се случија со економијата и пазарот на трудот, мораше да се удри малку и на образованието. Реформираното реформирано средно образование го ре-реформираа повторно. Овој пат се обидоа и да го партизираат. Воведоа задолжителна матура, наместо приемни испити, што навидум ќе беше одлична политика, но потоа одлучија дека на нивните средношколски партиски војничиња ќе им ги даваат матурните тестови, пред време, да си ги научат, за да имаат повеќе поени за упис на факултет. Бидејќи рангот на матурите е перцентилен, по автоматизам тие што се труделе и работеле и си учеле, ќе паднат со оцените. Но, тоа не е се’.

Го поевтинеа високото образование, но заборавија дека за сметка на тоа ќе требаше да го кренат и буџетот на државните универзитети. Причински последично, универзитетите за да можат да издаваат плати на вработените, мораа да им наредат на факултетите да ги зголемат квотите на студенти што се примаат во секоја генерација. Ова и немаше да биде толку страшно, ако го занемариме фактот што ЕКТ системот почна да се употребува против студентите. Односно се користи за негативна селекција. Само најдобрите ќе дипломираат. Што повторно ќе беше супер, ако го занемариме фактот дека власта има малку поинаква дефиниција за „најдобрите студенти“. Со врски, со тестови и без појавување на факултет голем број на „студенти“ земаа дипломи. Голем број други заглавија, бидејќи биле во опозициона партија или имале родител кој е.

Хиперпродукцијата на високообразован кадар придонесе до преплавување на пазарот на трудот. Додека во земјава се бараат многу стучни работни места (земјоделец, мајстор, келнер, кувар и сл.), ние продуциравме младина која ни на крај на памет нема да ги работи овие работи. Бидејќи они имаат факултет. Они мораат да бидат директори.

Тоа ме води во последната и клучна работа што ја загубивме, а тоа е нашиот менталитет. Од вреден, среќен и трудољубив народ, станавме хејтери (се извинувам за овој збор, но е најсоодветен). Хејтери значи дека сме мрзливи, себични, користољубиви, си го гледаме само сопствениот задник и притоа пцуеме на сѐ друго што ќе ни се појави пред очите. Го загубивме трпението, заборавивме како беше да си помагаме едни на други. Се разбира има чесни исклучоци на ова… секогаш има.

Сега верувам дека дел од публиката која ќе го чита ова, веќе има хејтерски мисли кон мене: „Како не ти е срам да си го плукаш сопствениот народ?“. Ах, да ми даваа 10 денари, за секој пат кога некој ќе ми го каже ова… Не, другари, не го плукам, го критикувам. Тоа беше еден процес што порано имавме храброст да си го правиме сами на себе. Да си ги најдеме грешките едни кај други. Со една единствена цел – да станеме подобри. Имаше едно време кога бевме навистина одлични. Се сеќавате? Одамна беше.

Не, не, критиката е забранета. Тие што критикуваат беа сороспиите, комуњарите, предавниците, лешперите, педерите и што уште не ме нарекле до сега.

Сега е времето каде што морам да кажам дека сум патриот. Си ја сакам Македонија, со сите слабости и со сите предности. Сѐ што имам во животот ми е тука, пријателите, родителите, материјалното и духовното. Така што, највеќе не можам да поверувам и највеќе ме боли кога слепо верувате на нивното перење на мозок. Да беше пред неколку години и ќе разберев, тогаш лажеа и манипулираа професионално. А сега? „Мрачни сили“, „Бранко е крив“ го ставија на стероиди, за да стане „Сорос е крив, а Бранко е марионета“. Веќе не знаат што повеќе да измислат. Исто како со бурекот, една лага за да се покрие друга лага, за да се покрие трета лага и сето тоа нема крај. Circulus Vitiosus.

Мирољубив народ сме, тоа е во ред, но не заборавајте дека исто така сме народ кој не трпи окупација…многу долго.

Еднаш бевме убава земја, ајде да ја направиме Македонија убава земја пак.
Ве молам.
За младите барем.

Демијан Хаџи Ангелковски

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска