Утре се слави Бадник, задутре Божик

Од:

Православните христијански верници во Македонија утре го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божик.

Бадник традиционално ќе биде одбележан со собир пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде што на годинашниот кум бизнисменот Даниел Воиновски ќе му биде врачен преодниот бадникарски ќуп.

Манифестацијата, вообичаено почнува со подигање на бадникарското знаме. Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан точно напладне со пригодна беседа ќе им се обрати на скопјани и на сите добронамерници и ќе му го предаде ќупот на новиот кум-бадникар.
Здравицата годинава ќе ја кажат музичарите Влатко и Силви Плевнеш кои се автори и инсполнители на баникарската химна, а на граѓаните ќе им се обратат градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и старите кумови Борче Петрушевски и Александар Пановски од Одборот за прослава на Бадник.

Свештениците од соборниот храм „Свети Климент Охридски“, потоа ќе ги осветат нафората, чајот и ракијата, како и бадникарските гранчиња, што годинашните кумови и здравичарот традиционално порано ги набраа од падините на Водно, а кои ќе им се делат бесплатно на присутните.

Средбата завршува со чинот на примопредавање на ќупот и кршењето на погачата со златна паричка, што се смета дека ќе му донесе среќа во текот на годината на тој што ќе ја добие. Со пајтонот, симболот на старо Скопје, новиот кум бадникар заедно со ќупот и семејството ќе замине од пред платото на Соборниот храм.

Во пресрет на Бадник, вечер во скопските маала и во другите населени места во Македонија ќе се одржат народни собири со палење бадникарски огнови. Рано изутрина, пак, Рождеството Христово ќе го најават децата коледарчиња.

Македонскиот народ со многу внимание и почит ги одбележува овие празници. Божик е Господски празник и се празнува во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос. Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера.

Семејството на Бадник се собира на заедничка вечера и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Се прави богата, посна трпеза. Домаќините се трудат да принесат од се по нешто за да им биде богата трпезата во текот на целата година. Се меси погача, а во некои места се прават зелници во кои се става паричка. Се верува дека оној кај кого ќе падне паричката ќе го следи среќа во текот на целата година. Пред почнувањето на вечерата на која сите се собрани, домаќинот ја благословува трпезата, го крши кравајчето, а некаде го дели зелникот, на толку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште дел за Бога и дел за куќата.

Исто така, вечерта во огнот се става бадниково гранче кое се смета за најздраво дрво, за да бидат здрави сите во семејството. Бадниковите гранчиња се симбол на среќата, љубовта и светлината, со кои православните верници ги украсуваат домовите за Бадниковата вечер, во пресрет на Божик, најголемиот христијански празник.

Би можело да ве интересира

Осум продолжени викенди за сите граѓани во 2024

Влада: Мерката за замрзнати цени продолжена до 31 јануари поради празниците

A1on

Петок пред Духовден неработен ден за граѓаните од православна вероисповед

Ана Ололовска

Денот на сесловенските просветители неработен за сите граѓани на Македонија

Ана Ололовска

Националниот ден на Власите, 23 мај – неработен ден за граѓаните припадници на влашката заедница

Ана Ололовска

Првиот ден на Рамазан Бајрам неработен за сите граѓани на Македонија

Ана Ололовска