Дожд од националистичко „патриотски” пораки, ех мој чудесен Балкане.
Ај од овде „Азискиот дел“ (како што некои мои соседи Срби, Албанци, Роми, Македонци… милуваат да го наречат по ново познатото старо Кумановско Пиротско мало) да прашам кои се вистинските патриоти?
Вие господине Рама со вашите изјави дополнително му давате ветар во грб на корумпираниот режим кој што е на заминување, оставете не нас во Македонија ние ги споделуваме и ќе ги решаваме нашите проблеми заедно а тие се исти како и Вашите почитуван соседу, глад, беспарица, корупција, криминал… не дефокусирајте од Вашето секојдневие, оваа овде е наша борба.
Македонија дали ќе постои не зависи од Вас, таа постоела и опстоила низ векови благодарејќи на нејзините граѓани и пријатели кои веруваат во живот за сите.
И на крај една порака до оние „патриотите“ што шкртаат пред врати и под прозори, тепаат новинари и повикуваат на линч:
– Лесно е да се биде патриот во моноетничко опкружување, дојди живеј само еден ден тука со нас и ќе ја разбереш суштината на мултиетницизмот.
Некои многу одамна за џакови пари ги продадоа нивните имоти и си заминаа, денеска некои однив се најгласните патриоти, но ние останавме тука на дедовината, веројатно поради тоа денеска сме предавници.
Јас ќе ја продолжам мојата борба против сегрегација, кантонизација и гетоизација бидејќи верувам во општество за сите.
Уставот и државата се свети и нив не смее да ги чепка никој!
Максим Димитриевски