Грција и натаму останува на ставот за промена на Уставот во обидите за решавање на спорот со името, додека македонската страна бара почитување на меѓународната пракса.
Македонската страна смета дека каква било промена на Уставот не подразбира и трајна гаранција за Грција.
– Каква било промена во правниот систем на Македонија не значи трајна гаранција за Грција, бидејќи се што се менува може да се врати назад, порача вчера премиерот Зоран Заев.
Побара држење до меѓународната пракса – меѓународни договори, ратификација во Парламентите, гласање во ОН, резолуција во ОН и смета дека сето тоа е најсериозната гаранција за Грција.
– Мора да водиме грижа едни за други за да го сочувуваме достоинството на двата народа, на двете земји и на двете нации и секако зачувување на она што значи чувство, а тоа е идентитетот. Идентитетот е чувство и за него не можете да преговарате, да се ценкате. Јас верувам дека во тој дух, водејќи се внимателно кон партнерите со кои преговараме ќе изнајдеме решение, рече Заев.
Препорача да се отвори и Уставот на Грција и да видиме како тие водат грижа за Грците надвор од Грција.
– Јас сум подготвен, како тие водат грижа за Грците надвор од Грција, така и ние да водиме грижа за Македонците надвор од Македонија, соодветно исто, рече Заев.
Грчката Влада останува на ставот дека потребна е промена на Уставот.
Сигурно е дека уставното име треба да се промени за да може да важи условот ерга омнес, рече портпаролот на грчката влада Димитрис Ѕанакопулос во гостувањето во дебатна емисија на грчката државна телевизија ЕРТ.
– За сложено име ерга омнес, за севкупна употреба, во секој случај предуслов е уставна ревизија, барем во однос на прашањето со уставното име. Според тоа, прашањето за промена на Уставот секако дека влегува, барем на овој степен. Останатите работи ќе се разговараат и на техничко ниво за тоа колку може да постојат толкувања на Уставот на соседната земја кои би можеле да се карактеризираат како иредентистички, но ова е прашање поврзано со толкувањето. Сигурно е дека уставното име треба да се промени за да може да важи условот ерга омнес, рече Ѕанакопулос.
Појасни дека се потребни промени во македонскиот Устав, бидејќи во иднина „Уставниот суд на соседната земја може да одлучи дека Заев немал надлежност да го потпише конкретниот договор“, па затоа за Атина „единствен начин да се реши прашањето, барем, во однос на името е да има промена преку Уставот“.
Според поранешната шефица на грчката дипломатија Дора Бакојани , пак, перспективите за сериозно решавање на прашањето за името сѐ повеќе се намалуваат.
Таа во интервју за радиото „Real fm“ вели дека грчката Влада имала вистинска можност да го реши проблемот, но со начинот на кој управувала со прашањето, сега води кон ќор-сокак.
– Сакам да бидам јасна дека можноста ќе можеше да се искористи и ќе имавме позитивен резултат, ако имавме една сериозна влада. Во овој момент имаме владино мнозинство поделено во три дела, рече Бакојани.
Ѕанакопулос откри дека нацрт спогодбата сѐ уште е во фаза на разработка од грчка страна, а за доставувањето до Македонија, официјално ќе биде соопштено од грчкото МНР.