Апелот за помош на Слободан Попов-Цобе стигна до голем број на хумани луѓе. Хуманоста и човечноста повторно победија и во оваа битка. Собрани се потребните средства за операција на Слободан Попов-Цобе.
Семејството и блиските на Цобе ја соопштија веста дека се собрани 50.000 евра за операцијата која треба да биде направена во Солун и за чие лекување е веќе постигнат договор за спроведување на третман со онко-хипертермиска и хемо-терапија со Друштвото за трговија и услуги БИОМЕД ЕИД дооел Скопје, кој е овластен дистрибутер на Onco-Hyperthermia Group, Thessaloniki, Грција и EUROMEDICA GENIKI KLINIKI OF THESSALONIKI, Грција.
Исто така, семејството на Цобе, информираше дека при процесот на собирање на хуманитарните средства биле собрани дополнителни 13.500 евра од кои дел ќе бидат наменети за постоперативно лекување на Цобе, а дел од овие хуманитарни средства семејството на Слободан одлучи да ги пренасочи за лекување на Христијан Јованов, тринаесетгодишното дете од Кавадарци кое боледува од Leucemia acuta lumphoblastica и чиешто лекување е започнато на Универзитетскиот клинички центар во Љубљана, Словенија.
Во хуманитарната акција која започна пред околу две недели се приклучија голем број јавни личности, компании и хумани луѓе кои што донираа и повикуваа на донација „Со срце за Цобе“.
-Нашето семејство изразува огромна благодарност за хуманитарната акција во која се вклучија голем број на луѓе и компании и со чиja помош Цобе ќе може повторно да му се радува на семејството, неговите најблиски и на новиот ден. Сакаме да испратиме силна порака до сите кои што можат да помагаат, да дадат мал придонес на сите на кои што им е најпотребно, за да можеме да спасиме живот, велат од неговото семејство.