Во врска со предложениот државен испит од страна на МОН, Ректорската управа на ФОН Универзитет завзеде став дека е против предложениот концепт на проверка на знаењата на студентите.
Аргументите и образложението за ваквата своја одлука ги става на увид на останатите членови на својата академска заедница, студентите и академскиот кадар, со цел да се сондира и нивното мислење и да се утврди конечниот став со кој ќе истапи пред Интеруниверзитетската конференција и пошироката јавност.
Проверката на знаењата на студентите преку предложениот концепт на државен испит е спротивна на одредбите од Законот за високо образование (автономија на универзитетите), противуставна (го попречува правото на образование, ја ограничува слободата на пазарот на трудот), не е во согласност со веќе акредитираните студиски програми, а по формата, содржината и начинот на кој е планирана да се спроведе е непедагошка и технички комплицирана и скапа (не заради компјутерската поддршка, туку во смисла на големиот број на прашања за секој предмет и студиска програма). Притоа, како таква, ќе иницира мноштво на процеси кои ќе бидат на директна штета на студентите, академскиот кадар и општество во целина.
Од овие причини, иако нашата академска заедница е на мислење дека успешното положување на државен испит од страна на нашите студенти ќе е можност за нивен порамноправен третман при вработувањето во одредени институции во однос на студентите кои дипломирале на некој од државните универзитети, сепак е против воведувањето на државен испит. Притоа, напоменуваме дека не станува збор за „државен испит“, бидејќи не се конкретизирани компетенциите кои се предмет на проверка, не се селектирани содржините и литературата преку кои истите ќе се проверуваат, а преку формата на вреднување на знаењата не се обезбедуваат релевантни податоци. Се работи за вид на екстерно тестирање, сличен на веќе воспоставениот во основното и средното образование, којшто покажа многу слабости.
Државата веќе има имплементирано доволно механизми преку соодветни законски регулативи за следење и контрола на квалитетот на високото образование.
Континуираното опаѓање на тој квалитет во последниве години, иако не е во целост истражено и кванитифицирано, сепак е факт кој никој не го спори. Меѓутоа, наместо да се направат вистински инвестиции за негово подобрување преку вложувања во академскиот кадар, условите за студирање, библиотечните фондови и студентскиот стандард во целина, како и промени во уписната политика и обезбедување на соодветство на бројот на академскиот кадар со бројот на студенти и акредитираните студиски програми на кои е ангажиран, што подразбира системско решавање на проблемот преку комплексен пакет од мерки, површно се протажира единствена алатка, т.н. државен испит, која би требало да ги разреши сите проблеми. ФОН Универзитет стои на ставот дека она што се случува во високото образование, ниту е резултат на недостигот од државен испит, ниту со негово воведување ќе предизвика промени на подобро. Напротив, ќе иницира нови проблеми.
Што се однесува до предложениот концепт на проверка на знаењата на студентите преку збирка на прашања, и тоа по пет од секој предмет, кои се одговараат со заокружување на еден од четири понудени одговори, се наметнуваат следниве прашања и проблеми:
1. Ваквиот начин на проверка на знаењата е само давање легитимитет и официјализирање на државно ниво на една од основните слабости при проверката на знаењата – тестирање со заокружување, со што практично е невозможно да се оценат знаењата на највисоко ниво кои се резултат, не само на препознавање и едноставна примена, туку на аналитичко-синтетичко мислење, способност за донесување судови и за творештво.
2. Како ќе се проверуваат стручно-уметничките дисциплини и општо, практичните знаења и вештини?
3. Дали постои начин реално да се изедначат критериумите за оцена 6 пропишани со акредитираните програми со критериумот за положување на даден предмет како дел од државниот испит кој содржи прашања од 10-20 предмети?
4. Како може преку само пет прашања од еден предмет пообјективно да се проверат знаењата на студентите еднократно, земајќи го предвид техничкото, психолошкото, емотивното и друго влијание што во моментот на полагањето негативно може да се одрази врз исходот на самото тестирање, споредено со континуираното следење и вреднување од страна на компетентен наставник во тек на цел семестар?
5. Како техничката, непосредна имплементација на тестирањето ќе се одрази врз конечниот исход? Според најавите, тестирањето ќе се спроведува на ист начин како и во основното и средното образование. А познато е дека заради технички проблеми, одреден број на ученици, а со тоа индиректно и наставници, беа обесправени. Во такви случаи, дури и да се уважат приговорите, повторените полагања ќе бидат на штета на студентите.
6. Што е со можноста студент кој не поседува доволно знаења за положување на еден или повеќе предмети, да го положи делот од државниот испит што ги опфаќа првите две студиски години во кои се вклучени тие предмети? Зарем тоа не значи дека на тој начин ќе има право да бара оцена 6 за тие предмети? Или пак државниот испит наметнува обврска, но не и права за студентите?
7. Обратно, дали не може да се случи „солиден“ студент да не одговори точно на повеќе од две прашања од ист предмет, а сите други да ги положи со висок степен на точност во одговорите? Може, и тоа би значело неположување на државниот испит, а ваквиот концепт на полагање не подразбира дека ќе му се овозможи парцијално преполагање на само тој еден предмет.
8. Во врска со забелешките од точка 6, правилата на студирање според Болоњскиот процес, како и предвидените временски одредници за парцијално полагање на државниот испит, се отвараат и други проблеми: прво, студент може да полага предмети во состав на државниот испит кои претходно, не само што ги нема полагано, туку и ги нема запишано; и второ, со дописот не се регулирани ограничувањата во поглед на продолжувањето на студиите во случај на неуспешно полагање на државниот испит, иако официјално беа најавени преку медиумите; дали тоа значи дека нема ограничување, што подразбира опција студент да ги полага откако успешно ќе ги заврши сите обврски предвидени со студиската програма; последново пак имплицира дека, иако студентот ги исполнил условите за стекнување со диплома, заради неположениот државен испит, истата му се ускратува.
9. Без да го проблематизираме составот на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование, се поставува прашањето: Како може само девет професори да поседуваат компетенции за сите можни подрачја и научни дисциплини, не да селектираат прашања, туку да го реализираат процесот на спроведување на државниот испит, почнувајќи од изборот на компетентен кадар за секоја дисциплина? Кој ќе ги составува прашањата за секој предмет? Студиските програми на сродни факултети не се идентични, а секоја предметна програма си има свои специфики во поглед на целите, предвидените компетенции согласно тие цели, содржините и литературата преку кои се остваруваат. Последица ќе биде ангажирање на армија универзитетски професори и преобемна техничка работа за да се состават неколку милиони прашања со кои би се обезбедило соодветство со секоја акредитирана програма. Сето ова државата би ја чинело многу средства од нејзиниот буџет. Намалувањето на обемот од оваа работа преку изработка на едни исти прашања за сродни студиски програми ќе предизвика проверка на знаењата преку прашања кои не се адекватни на предметните програми.
10. Што е со правото на мобилност? Дали студент кој положил „половина“ од државниот испит и трансферира на друга студиска програма, пак ќе треба да полага две „нови“ половини од државниот испит? Логиката вели дека е така. Но тоа значи дека некои студенти дополнително ќе се оптоварат со повеќекратни полагања. И што е со студентите кои реализирале студиски престој во странство и им биле признаени испити кои таму ги имаат положено. Дали и во случај кога нивните знаења се неспорни, истите не би биле оштетени при проверките на знаењата заради различната користена литература, терминологија и слично? Уште поважно, што е со студентите кои своето високо образование го завршиле надвор од државата и нивните дипломи треба да бидат нострифицирани според постоечката регулатива и практика? По автоматизам, од нив нема да се бара полагање на државен испит, со што студентите кои студираат во Република Македонија ќе се доведат во нерамноправна и подредена положба во однос на претходните.
11. И конечно, анализирајќи ги современите психолошки теории за учењето, можат да се издвојат два генерални правци. Првиот е бихејвиоризам, познат и како метод на испорачана инструкција или “метод на фризби” кој подразбира повторување на моделот на учењето. Вториот пристап, карактеристичен за современите модели на учење, поврзани со општествата базирани на знаење е т.н. конструктивизам. Смислата на конструктивистичките модели е постоењето на знаењето во индивидуите, а новото знаење се генерира врз база на постојното знаење на студентот и новите информации што тој ги добива во процесот на учењето. Оценувањето во двата пристапа е различно. Кај бихејвиоризмот, оценувањето е лесно мерливо, бидејќи и знаењето е базирано на концепт на повторливост, познато кај нас како учење на памет, враќање на испорачаното фризби. Конструктивистичкото знаење е проверливо низ решавање на конкретни проблеми. Во овој случај, на студентот му стои на располагање целокупното негово знаење за да реши определен проблем. Затоа и според Болоњските препораки оценувањето е континуирано во текот на учењето. Студентите постојано се изложени на решавање на проблеми и се оценува секој нивен прогрес. Оттука, мерењето на знаењата на студентите така како што е предвидено во државниот испит е бескорисно мерење на одделни бихејвиористички елементи, а не на целото знаење на студентот и неговите капацитети да решава стручни проблеми.
Од сите претходно наведени причини, државниот испит во форма и начин на реализација што е предложен, не треба да се спроведува. Државните институции и приватните компании може да воведат посебни дополнителни проверки на знаењата на апликантите за вработување, како што впрочем и постојат (веќе воспоставени државни испити за одредени професии, посебни тестирања и интервјуа, соработка со универзитетите и следење на квалитетот на студентите преку нивно вклучување во работата уште за време на студиите, практикантска работа, итн), со кои ќе ги изберат најдобрите кандидати од дипломираните студенти.
Ако веќе е неопходно да се направи некаква ревизија на излезот од процесот на студирање, еден од начините го регулира Законот за високо образование, во Член 113, Став 1, според кој се остава простор студиите да завршуваат, не со изработка на дипломски труд што е востановена практика на најголем дел од студиските програми, туку со полагање на завршен испит. Истиот треба да е конципиран посебно за секоја акредитирана студиска програма, со компетенции, содржини и литература кои соодветствуваат на таа студиска програма, пропишани од страна Наставно-научниот совет на факултетот на кој истата се реализира. Одборот за акредитација и евалуација на високото образование може само да ја одобри програмата по која се спроведува завршниот испит и да интервенира со свои сугестии за нејзино подобрување. Полагањето на таквиот испит би се спроведувал пред повеќечлена комисија, писмено, усно и/или практично, може да вклучи и тестови, но не составени исклучиво од прашања што се одговараат со заокружување. Составот на комисијата може да е предмет на понатамошно разгледување, но најдобро е да е мешовит, со вклучување на наставници, не само од матичниот факултет, туку и компетентни наставници од други факултети и универзитети.
Факултетите може да одлучат полагањата да се спроведуваат во присуство на делегирани членови од страна на Одборот за акредитација и евалуација, со што процесот на проверка на знаењата ќе стане потранспарентен. Самото полагање треба да е незадолжително и да се остави простор политиката на институциите и пазарот на трудот да ја диктира потребата за истиот.