Уметноста е како шило

Од:

Кон претставата што никогаш не се случи.

Уметноста-еволуира (1)_Page_1

Денес е друго.

Уметноста е секогаш одговор на времето во кое таа се креира. Некогаш во функција на предвесник на нешто што следува, некогаш како перспектива потребна на денешницата, но секогаш вистинската уметност кореспондира со општата динамика на епохата во која се ствара.

Следствено на тоа уметноста денес е лута, ангажирана, гола, гласна, брза, силна и по концепт гордо несовршена. Е таа уметност ќе тргне по нив, стрвните одлуко-носачи и саботери, таа уметност ќе ги стигне и прегази. Таа своеглаво претендира да ги излечи сите болести на ова време и не бира средства, бар таа не бара компромис. Таа во лице му се исмејува на лажниот морал зад кој се кријат ситните штетници кои во залезот на нивното сонце, во својата сенка се гледаат себеси  големи.

На вистинските уметници никогаш вистински не можеш да им ги земеш алатките за работа,  ќе ги направат алатките од ништо. Такви сме, вешти. А  тие ако веќе тргнале да одземаат макар и она малку што им останува да земат, нам ни останува да им се бориме, да им се пресметаме,  да им го победиме начинот на кој  ја третираат уметноста и го присвојуваат уметничкиот простор како да им е дедова наследена нива;  макар на улица, макар во „куќите” макар за тоа требало и многу… многу другари.

Време на редефинирање.

Тековното функционирање на општеството природно наметнува една еволутивна насока која во нашиов случај е без сомнение деволутивна. Имено имаме ексесивно подметнувањето на густа магла од кич, фаворизирање на “линијата на помал отпор” и хроничен и непоправлив избор на „полесниот пат” на сметка на квалитетот.  Имаме загрижувачко анестезирањето на и онака слабата критичка мисла со подметнување критичари –  релативизатори според кои третокласни едвај-дела и големи иновативни и храбри концепти се оценети со ист број на редови од млако раскажувачки информативен карактер и прилог во кој скоро никогаш не се погодуваат точните презимиња на уметниците. Поради целосна коректност заправо морам да им честитам на исклучоците кои низ годините со сите сили се обидувале да ја држат на место оската на вредности која попушта пред притисокот на насилниците и силувачите на уметноста.

Сето ова создава терен за формирање на кланови и мини- моќници кои толку се изненадени од сопствениот успех во овие црни години за македонската култура и понесени од таа еуфорија  мислат дека се многу  битна алка во и онака зарѓаното тенеќе од култура, само затоа што имаат бенефитче-две во ракав и неколку телефонски броеви од оние што ги запишуваат со целосно  име и презиме. Оваа новокомпонирана ескалација  на културниот џелатизам толку си ја има сфатено сериозно стојата улога на влијание што дури е и смешно колку ресурси се трошат за некому да се направи штета.

Таква е сега состојбата на македонската културна сцена, тешка за оние кои разбираат, стерилна во својот најголем сјај на неодржливост. „Потребни се нови форми”. Потребни се нови дефиниции, потребна е храброст нештата да се нарекуваат со вистинското име. Потребно е да се извадат белите ракавици и да се соблече и онака чкарт крзното од бела мечка. Потребно е секој кој се смета за уметник да ја преземе одговорноста и до последно да работи на регенерација на својот уметнички еснаф.

Постојаното лицемерно повикување на моралот во уметноста и „Све по закону”  методи кои се почесто се применуваат  се штетни и деструктивни за климата во уметноста. Тие принципи ниту на краткорочен ниту на долгорочен план не вродуваат со прогресија во уметноста, ами не уназадуваат, ни го спуштаат прагот на толеранција за неквалитет, ни ја губат публиката и легитимитетот на звањето со кое се бавиме.

Од тука во ова време, во кое правилата на општественото функционирање се нови, дрски и агресивни, како неминовен одговор мора да бидат нови и правилата на уметничкиот израз.  Мора да се создава јазик на кој денес се зборува, јазик кој им се обраќа на сите оние што денес бараат до нив да допре глас. А такви за беља, се повеќе ги има.

Уметноста еволуира на интуитивен начин и само оние кои си дозволуваат да бидат понесени од процесот можат да ја разберат природата на таа промена, на останатите сизифовски упорни уназадувачи на прогресивната и слободна уметничка мисла ќе има остане само бледилото од нивниот монохроматски светоглед  и пајажината која ја има фатено нивниот веќе неиздржливо бајат пристап кон уметноста.

Ирена Стеријовска, режисер

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска