1.
Како што е вообичаено кај нас, доброто никогаш не оди само. Секогаш е во пакет со лошото. Се’ што малку ќе заличи на современо издание во културата / уметноста, се’ што малку ќе ги поткрене стручните и професионалните стандарди, браќава ќе го расипат.
И тоа не е само низ формата на лични суети на актуелнава директорска постава во Музејот на современата уметност, во Националната галерија, во КИЦ и слично, од типот: еее, не ви давам дела; или еее, не ви давам простор, има да си платите … како тоа да се нивни лични дворчиња па сега ќе поставуваме детски услови. Такви будалаштини се изнегледавме последниве години премногу. Иако секогаш изненадуват. На пример, ако манифестацијата е поддржана и финансирана и од Градот Скопје и од Министерството за култура, а спомнатите институции се исто така финансирани од овие два извори, тогаш како е можно некој нешто да сака, или не сака, да направи? Можно е. Кај нас е се’ можно, па така и Музејот на современата уметност да не ви даде дела за изложбите зашто на домаќинката така и прднало на умот! Како да си ги донела делата од дома. А наводно – тие правеле поставка! Да, и? За два дена ќе им се урне концептот? Туку, какви што се тие горе, на Калето, ним концептите им се уриваат и за пет минути!
Или, по кој основ Националната галерија на Македонија дава дела за изложбите, ама наплатува за просторот? Да не им е тоа можеби дедовина, да не имаат тапии за него? И плаќаа(т) ли сите што таму континуирано, со години, ги редат нивните будалаштини од типот на селски „изложби“, етнички прослави, комерцијални идиотштини? Има ли таа институција Управен одбор, има ли луѓе што гледаат што се прави таму? А она Министерствоно – веќе ли го „фана“ зимскиот сон?
2.
Но, нашиве (да простите) локални срања не почнуваат и не завршуваат со личните фрустрации и суети. Кај нас играат со (тие мислат) многу поголеми влогови. Барем тие така мислат. А всушност, се сведуваат на лични нетрпеливости, на „комшијата козата“, на завидливост и неспособност самите да направат нешто квалитетно, на свеста дека нивните полуписмени пулени ни во сон не можат да сработат нешто слично, па дај ќе саботираме се’ по список! Зашто, не дека ми е криво – напротив, ама што значеше она отсуство на градскиот па и на националниот културен башибозук (вклучувајќи ги тука и голееемите партиски директори) на манифестацијата? Им доаѓа као „испод чест“? Па така и треба, зашто тие се токму „испод“ идејата и случувањата (барем во ликовниот дел) на манифестацијата.
Ама, претпоставувам, сите беа на францускиот огномент. Ееее, тоа го разбираат. Тоа е нивни тип на култура и уметност – да свети и да трешти, да блуе (макар и огин), да ечи на сите страни. Таква култура им е легната на срце, па сега треба и нам тоа да ни стане репер. Тие не се навикнати да гледаат и да мислат што гледаат, уште помалку да размислуваат за тоа што го виделе. Нивното културно ниво е – огномет, и тоа беше евидентно во саботната „Бела ноќ“!
Но, за жал, огнометот е врв на културното случување и за повеќето македонски медиуми, вклучувајќи тука и неколку интернет портали. И за нив „Бела ноќ“ беше францускиот огномет и тоа се претвори во заштитен знак на манифестацијата! Ни изложби, ни бутур!!! Тоа е културното ниво и на македонското новинарство.
3.
И после, ние ќе говориме за културно вклучување во Европа, за евроатлански интеграции? Па ние и странските делегации, вклучувајќи ги и последниве македонски конзули во странство, ги носиме во Музејот на македонската борба! Да видат – што? Восочни кукли? Па чул ли некој во Холандија да ги носат делегациите во „Мадам Тисо“?
И повторно, и не случајно, го спомнувам овој монструм од музеј, зашто дефинитивно, а по повод овогодишната „Бела ноќ“, уште еднаш се виде целосниот апсурд на македонската (не)културна „политика“!
4.
Поточно, не знам колку посетителите забележаа во каква состојба се наоѓаат делата што беа изложени во рамките на изложбата „Уметникот и диктатурата – Македонска ситуација 1945-1990“? Тие дела, 99% од нив, се дела од Постојаната поставка на Националната галерија на Македонија (зашто таков беше концептот!), структурирана и отворена во 2000-та година. И сите до едно (а добар дел се приватна сопственост или позајмени од други институции!) се безмалу во последна фаза на распаѓање. Ги јаде повеќегодишна прашина (неизбришана ни заради изложбата!), рамките се исчукани и со непрепознатлива боја, клинци штрчат на сите страни, по платната може да се сурфа како на најдобрите бранови во Мајами, од некои пак отпаѓаат (или отпаднале) цели парчиња боја … Невиден хорор! Ама важно Националната галерија има конзерватор (и тоа виш!), има хигиеничарки, има кустоси (повторно виши) кои божем се грижат за поставката, има едно чудо „стручњаци“ на плата … има се’ што не треба да има, а го нема единственото: посветени професионалци, стручни луѓе што ја сакаат и почитуваат Уметноста!
И згора на се’, таа состојба трае во континуитет со години, без вложени ни труд ниту пак средства за сериозен стручен третман на делата, а на другата страна – во Музејот на македонскиот хорор, во божемниот Музеј на Тоше Проески и слични глупости, се истураат невидени пари – за ништо! Пари со коишто во одделни вистински македонски музеи би можеле да се направат неодложните и неопходните професионални зафати за заштита и презентација на вистинската уметност и култура на оваа држава!
5.
Оттука, а врз основа на виденото пред некоја вечер, му предлагам и на претприемчивиот директор на МКЦ како директен организатор на т.н. „Бели ноќи“, а и на младата кураторска тројка која се покажува како вистинско освежување во жабурникот на македонската ликовна сцена, да ја посветат следната манифестација на третманот и заштитата на делата во ликовните институции! Па да донесат луѓе со метли, вода и џогери, да ги исчистат просторите и делата, да ги проветрат депоата, канцелариите и, конечно, главите на она кустосине залегнати до пензија во фотелјите во националните институции!
Зашто, тоа е вистинската потреба на македонската ликовна уметност и култура. Изложби можат да се прават и подоцна!