УЈП влезе и во „Кипер“ маркетите, вратите заклучени со натпис „попис“

Од:

Клуч на врата од попладнево има и кај ланецот маркети „Кипер“. На вратите е прикачен натпис „попис“, а внатре, освен вработените, има и лица со беџови на Управата за јавни приходи. Ваква е сликата во маркетот лоциран во Ѓорче Петров, како и Карпош 4, каде пред вратите е паркирано возило брендирано со логото на УЈП. На социјалните мрежи, се јавува дека клуч на врата има и во други маркети ширум Македонија. Неофицијално, ова е продолжување на акцијата која завчера беше започната, а во која инспекторите проверуваат дали во маркетите се спроведуваат законите, но и уредбите. Од надвор, може само да се забележи дека производите се проверуваа на компјутерите поставени на касите. На нивната страница нема известување дека нема да работат, ниту, до кога ќе бидат затворени.

Засега, ниту Управата за јавни приходи нема потврдено, ниту негирано, каде и што се проверува, како и дали инспекцискиот надзор е поради пријави од институции и граѓани, како што беше оној во „КАМ“ маркетите. Оттаму, попладнево известија само дека редовните контроли се во тек, но и дека ќе продолжат и кај други големи трговци.

„Управата за јавни приходи ќе продолжи со континуирани контроли на терен со цел заштита на стандардот на граѓаните. Целта на контролите не е да се казнува, туку да се укаже на сите даночни обврзници дека законот мора да се почитува“, известија попладнево од УЈП.

Инспекцискиот надзор во „Кипер“ доаѓа еден ден откако заврши контролата во „КАМ“. Засега, не е познато што утврдиле инспекторите со проверките во „КАМ“, но до денеска, ниту еден маркет од овој ланец не е затворен, ниту пак, е изречена прекршочна казна.

Би можело да ве интересира

Стратешка реформа за фискална стабилност и економски развој-нов закон за ангажирање

УЈП демантира дека го „пломвирала“ Пулс во декември минатата година

ДУИ: Во истрагата за „Пулс“ е неопходно да се покрене прашањето за улогата и одговорноста на УЈП

СДСМ: Елена Петрова ја лаже јавноста, повратот на ДДВ-то доцни и до четири месеци

Петрова: Исплатата на МојДДВ и повратот на ДДВ за компаниите тече континуирано

УЈП: Поголеми ланци на маркети во земјава во четвртокот и петокот имаа помал промет