Угостителите нема да ги променат цените иако поскапе струјата

Од:

Со поскапувањето на храната и енергенсите, цените во угостителството нема да се зголемат, уверуваат туристичките работници.

Намалување на данокот на додадена вредност од 18 на пет отсто за храната во рестораните, враќање на стимулациите по основ на остварен девизен прилив и наменско користење на средствата собрани од туристичката такса, се само некои од нивните барања за подобрување на состојбите во секторот.

– Субвенциите во туризмот се одлична мерка, но не треба целиот товар за поддршка да го оставиме на Владата. Неопходно е конкретни мерки да преземе и фелата, истакна денеска Соња Бибановска, потпретседател на Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија.

Бибановска на прес-конференција посочи дека една од опциите за поконкурентно хотелиерство е и реализирањето проекти по принципот на јавно-приватно партнерство.

Според анализите на туристичките работници, треба да се размислува за настап на саеми во земји каде интересот за посета на Македонија е поголем.

– Досегашното искуство покажа дека повеќе трошиме пари за саеми, а бенефитот од учеството е многу мал, нагласи Бибановска.

На новинарско прашање каква е соработката на угостителите со локалната самоуправа одговорна за чистење на сметот или отстранување на рекламните паноа со застарени содржини, Бибановска рече дека порано, кога постоел Туристичиот сојуз на Македонија, ситуацијата била многу подобра.

Повикувајќи се на најновите статистички податоци, информира дека во првите четири месеци од годинава вкупниот број туристи во Македонија достигнал 138.882 што е 3,5 отсто повеќе од лани. Бројот на ноќевања е исто така зголемен, за 2,2 процента.

– Странските туристи во Скопје најчесто се задржуваат еден до три дена во рамки на т.н. кружни тури, низ Македонија што обично траат една недела. Македонските хотели засега не нудат никакви нови содржини надвор од стандардните, пансиони – ноќевања со храна, освен „Гранит“ кој прв воведе услуга „се вклучено“ како во странските, напомена потпретседателката на Здружението.

Според Бибановска, она што значи три ѕвезди во хотелите надвор, кореспондира со четири ѕвезди на нашите хотели.

Учеството на туризмот во БДП лани бил 1,4 отсто. Согласно државната стратегија за развој на оваа дејност, проекциите се, приходите од туризмот до 2020 година да бидат пет проценти од БДП.

Туристичките работници во 2015 година очекуваат поголем буџет и реализирање на најавените субвенции за носење туристи од Казахстан, Азербејџан, Катар, Германија, САД и Англија.

Би можело да ве интересира

Угостителските услуги за една година поскапеле за 6,3 отсто

Угостителските услуги за една година поскапеле за 14.8 отсто

Горан Наумовски

Зголемени цените на угостителските услуги

За 0,5 отсто поскапеле угостителските услуги во ноември во однос на октомври

Ана Ололовска

Зголемени цените на угостителските услуги во октомври

Ана Ололовска

Бизнисот бара ревидирање на мерките

Ана Ололовска