Над 2 часа трае рочиштето на кое петтообвинетиот во случајот „Монструм“, Хаки Азири говореше што правел на критичниот ден кога се случило убиството.
„Имав слободен ден и не работев. Ја садев бавчата”, им рече Азири на судиите.
Тој потврди дека се сретнал во Арачиново со обвинетиот Алил Демири претпладнето. Се познавал и со останатите обвинети. На прашање на судијата, тој потврди дека имал 2 или 3 телефони и дека тогаш не знаел каде се наоѓа Смилковското Езеро.
Обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи побара да биде прочитан исказот кој го дал пред истражниот судија Владимир Туфегџиќ, а кој подоцна рекол дека го повлекува поради притисоци. На записникот од 2 мај 2012 година, Хаки Азири признал дека со својот автомобил „мазда 626“ го однел Африм Исмаиловиќ до последната постојка на 9-ка во Топанско поле и го оставил на паркингот во близината. Исмаиловиќ влегол во црвената „опел омега“ со црвена боја, автомобилот кој полицијата го пронајде четири дена по убиството, на 10 километри од Смилковското Езеро.
Хаки Азири потоа околу 19.20 часот дошол на обиколницата кај Качанички пат, местото кое претходно го договорил со Алил Демири. Тој ги чекал таму 30 до 40 минути. Африм му рекол дека имаат да завршат нерасчистени сметки. Зад неговиот автомобил застанал црвениот опел омега, а во неговата „мазда” влегле Алил Демири и Африм Исмаиловиќ. Со себе немале оружје, а биле облечени во темни тренерки, имале црни ракавици на рацете и фантомки на главите.
Потоа, според тогашниот исказ на Хаки, Африм, кој седел на совозачкото седиште, на Хаки му кажал: „Направивме гомнарија, убивме човек!“ Потоа двајцата му кажале да вози кај него дома.
Во 23 часот на интернет Хаки дознал што се случило.
Васко Маглешов