Ова е добра недела за вашата земја и за Западен Балкан, министрите за надворешни работи на ЕУ го отворија патот за отпочнување преговори за членство за Македонија и Албанија во јуни 2019 година и за неколку часа очекувам шефовите на влади да ја потврдат одлуката, изјави денеска прес-конференција претседателот на Советот на ЕУ Доналд Туск со премиерот Зоран Заев.
Рече дека напредокот немало да биде успешен без силниот ангажман на македонската Влада, посочувајќи го постигнатиот Договор за добрососедство со Бугарија и Договорот со Грција за решавање на спорот со името, кои претставуваат пример за другите во регионот како да се решаваат проблемите.
– За време на мојата посета на Скопје ја видов јасно изразената политичка волја да одите напред во евроатлантските интеграции, и оти ќе останете на тој пат да одржите чекор во реформите во клучните области, рече Туск.
Тој се заблагодари на македонските власти за напорите во миграциската криза во 2015 година.
Премиерот Заев, пак, истакна дека денеска во Брисел во срцето на Европа е потврдена големата вест Република Македонија да добие датум за преговори во јуни 2019.
– Нашата земја го заслкужи тоа. Лидерите на ЕУ рекоа да, земјата го заслужува тоа. ЕУ прифати дека Македонија од заробена држава за само една година направи пресврт. За само една година Република Македонија е земја позитивни промени, на инклузивност, политички дијалог, за политичка волја за решавање на проблемите со соседите, рече на прес-конференцијата премиерот Заев.
Заев истакна дека следното проширување, во кое ќе биде вклучена и Република Македонија, е во суштина – консолидацијата на Европската унија.
– Таа консолидација, која, со право ја бараат лидерите на земјите членки на Европската унија, ќе биде потполна кога таа ќе ги прифати во своето семејство земјите од Западен Балкан, што ќе ги исполнат условите – се разбира. Процесот на пристапување во ЕУ не завршува со отворање на поглавјата за пристапување. Напротив. Според досегашното искуство преговорите, во просек, траат речиси седум години, изјави Заев.
Пред средбата со Туск, Заев, како што јави дописничката на МИА од Брисел, оствари средба со грчкиот премиер Алексис Ципрас на состанок на партиите на европските социјалисти.
Заев, кој во Брисел е придружуван од вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, и шефот на дипломатијата Никола Димитров попладнево ќе се сретне со еврокомесарот за соседска политика Јоханес Хан.
Заев утре ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по што е предвидена и заедничка прес-конференција.