Тупанчески не покажува како е платено навивањето во Палермо, Фетаи не одговара како стигна до ВИП-ложа

Од:

Молк од министерот за правда Никола Тупанчески и по барањата од „А1он“ јавно да ги обелодени трансакциите, со кои би потврдил дека сам го платил аранжманот за Палермо, Италија, каде што навиваше од трибините заедно со обвинителката Фатиме Фетаи и претседателот на судот во Кавадарци, Лазар Нанев. Ниту од неговиот кабинет не одговараат на прашањата каде се бара објаснување, дали дружбата на Тупанчески, кој е дел од извршната власт, со обвинителката и судскиот претседател, кои се дел од судската власт, придонесува кон тоа дополнително да се намалува довербата кај граѓаните. Молк и од Фатиме Фетаи за тоа како патувала во авионот кој го плаќа ФФМ, а јавно досега не беше објавен повик за кој било да може да патува со него за Палермо, па нејасно како таа успеала да се најде во авионот. Тупанчески, кој е министер 69 дена, по неговото патување и натаму целосно нетранспарентен и наместо да дава отчет како секој државен службеник, тој се однесува како да работи во приватен сектор.

За разлика од минатата недела, сега Тупанчески не замина за Португалија, каде Македонија игра уште еден меч за пласман на Светското првенство. Тој остана во Македонија. Во изминатите денови кај дел од медиумите се правдаше дека никој не го честел патување во Палермо, но овој податок остана непотврден, бидејќи министерот не приложи доказ. Доколку се докаже спротивното, тогаш тоа може да се коси и со Етичкиот кодекс на Владата.

„Носителите на извршните функции при вршењето функции и должности не можат да примаат подароци, освен во случаите во износ и на начин утврдени со Закон за користење и располагање со стварите во државна сопственост…. Носителите на извршни функции не смеат да бараат, примаат односно да дозволат друго лице во нивно име и за нивна корист да дава или прима подарок, услуга или каква било друга вредност, помош или друга корист во врска со вршењето на функцијата, односно должноста, а која би можела да има влијание или на кој било начин да ги стави во несоодветна подреденост или обврска“, стои меѓу другото во членот 17 од Етичкиот кодекс на Владата.

„А1он“ ги побара и изводите од службената картичка која ја користи министерот Тупанчески. Од нив може да се утврди дали тој, меѓу другото, плаќал и со државни средства при патувањето во Палермо. Согласно законот, тој тоа не би смеел да го прави, бидејќи патувал приватно. Засега, познато е само дека Тупанчески навиваше од трибините во Палермо, а сместен во ВИП-ложата. Нејасно е по кој критериум е избран да биде таму заедно со обвинителката и судскиот претседател Лазар Нанев.

Слично и со вишата јавна обвинителка Фатиме Фетаи. Таа не одговара како дознала дека може да се превезува со чартер-летот заедно со репрезентацијата, колку чини летот, трансферот, хотелот, дали била поканета за во Палермо и од кого. Фетаи по нејзиното враќање за некои од медиумите изјави само дека сама плаќала за да го гледа мечот. Единствено познато, а кое го добивме како одговор од Обвинителството, е дека таа е на одмор. Таа вчера замина да го следи и вториот меч. Остана непознато дали во двата случаи, ФФМ и обезбедило карти, како и, дали повторно ќе биде во ВИП-ложата.

„Јавната обвинителка во Вишото јавно обвинителство Скопје има поднесено барање за користење  слободни денови од годишен одмор. Барањето ѝ беше одобрено“, велат од Обвинителството.

Инаку, и Етичкиот кодекс на јавните обвинители содржи одредба во која се вели дека тие не смеат да ја користат својата службена положба или углед заради остварување на имотна или друга корист за себе или за други.

„Не смеат да примаат подароци и бесплатни услуги, ако тоа може да ја доведе во прашање нивната непристрасност и објективност. Јавните обвинители, како предмет на постојан надзор од јавноста, слободно и доброволно ги прифаќаат ограничувањата кои им ги наметнува функцијата која ја извршуваат“, се вели во Етичкиот кодекс наменет за Обвинителите.

За овој случај имаше реакција и од Антикорупциската комисија.

Би можело да ве интересира

Дали Муареми бил уапсен во Дубаи, па пуштен на слобода – Официјални информации се уште нема

Александар Тодески

Седум клубови во македонскиот фудбал под истрага за местење на натпревари

Орце Костов

Советот на ЈО едногласно го отфрли барањето на Фатиме Фетаи за преиспитување на одлуката за отфрлање на нејзината кандидатура за државен јавен обвинител

Претседателот може да помилува само осудени, не и кривично гонети: Предлог законот за помилување во Собрание

Орце Костов

Усвоена Развојната секторска стратегија за правосудството 2024 – 2028 година

А1он

Кој ќе го наследи Јовески: Фетаи, Раичевиќ и Коцевски чекаат мислење од Советот на јавни обвинители

Александар Тодески