Тупанчески и натаму контра Етичкиот кодекс: За Палермо тврди дека платил сам, ама докази нема

Од:

Освен што не сака да се докажува со јавноста, министерот за правда Никола Тупанчески не одговара зошто не и се оправдал на Владата за неговото патување во Палермо, Италија. Втора недела, молк од него и неговиот кабинет. Не одговараат на прашања, телефонски повици, ниту СМС-пораки. Неговото однесување се коси со уште еден член од Етичкиот кодекс на Владата, кој се однесува за транспарентност, отчетност, респонзивност. Откако јавно обзнани дека сам побарал услови за да патува со чартер-лет на ФФМ, Тупанчески не одговара ниту дали ако не беше министер, ќе ја имаше оваа можност, ниту пак, дали ја искористил за претходни натпревари.

Јавноста и натаму не знае кога Тупанчески добил фактура и кога ја платил истата. Во петокот, овие податоци ги немаше ниту Владата, која ги побарала од него за да се увери дека Етичкиот кодекс не е прекршен. Бидејќи министерот кажа дека документи ќе достави до надлежни институции, „А1он“ побара одговор за тоа кога ја направил уплатата како и кому му платил за патувањето, но и што платил. И на ова не одговори. Бидејќи ова не е утврдено, се уште не се знае дали со неговите постапки го прекршил овој Кодекс, каде јасно стои дека министрите не смеат да примаат подароци, освен во одредена вредност и одредени случаи.

„Носителите на извршните функции при вршењето функции и должности не можат да примаат подароци, освен во случаите во износ и на начин утврдени со Закон за користење и располагање со стварите во државна сопственост…. Носителите на извршни функции не смеат да бараат, примаат односно да дозволат друго лице во нивно име и за нивна корист да дава или прима подарок, услуга или каква било друга вредност, помош или друга корист во врска со вршењето на функцијата, односно должноста, а која би можела да има влијание или на кој било начин да ги стави во несоодветна подреденост или обврска“, стои меѓу другото во членот 17 од Етичкиот кодекс на Владата.

Со неговото однесување по навивањето во Палермо, како што е избегнувањето на одговори кои ги бара јавноста, Тупанчески повредува уште еден принцип на Владата, кој се однесува на отчетност, транспарентност и респонзивност. Со Етичкиот кодекс, сите функционери, меѓу кои е и Тупанчески, се обврзани да даваат отчет за својата работа, но и за однесувањето.

„Носителите на извршните функции редовно даваат отчет за својата работа и однесување, како и за работата на институцијата со која раководат или во чие раководење учествуваат, пред јавноста, Владата и Собранието на Република Северна Македонија“, стои меѓудругото во член 9 од Етичкиот кодекс.

Етичкиот кодекс за функционерите кој мора да го почитува и министерот е донесен по препорака од ГРЕКО. Тупанчески, беше член на ова тело пет години со ред. Во петокот, вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска, кажа дека не и се доставени податоците кои биле побарани од министерот за правда.

Засега, познато е дека агенцијата „Гуливер милс“ по договор со Фудбалската репрезентација на Македонија го организираше чартер-летот до Палермо. Со него се превезуваше фудбалската репрезентација на Македонија и првите луѓе на ФФМ за натпреварот. Тупанчески една недела не одговара ниту на прашањата како дознал за летот и кој го поканил да патува со авионот, ако се има во предвид дека јавно за ова не беше објавено, ниту пак некој имаше можност да резервира столче. Сметката за чартер летот ја плаќа ФФМ.

И Антикорупциската комисија ја повика Владата да провери дали Тупанчески го прекршил Етичкиот кодекс за функционери. Претседателката Билјана Ивановска за „А1он“ рече дека не знае зошто Тупанчески е шокиран од нивната реакција. Во Етичкиот кодекс, јасно стои дека министрите не смејат да примаат подароци, освен во одредена вредност и одредени случаи.

Министерот Тупанчески на трибините во Палермо беше со обвинителката Фетаи и судскиот претседател Нанев. Тие беа во ВИП ложата, за која исто така, неофицијално, ФФМ им подарила карти. Фетаи е единствената која излезе јавно со уплатници за да докаже дека сама си ги подмирила трошоците за сместување преку туристичка агенција.

Би можело да ве интересира

Дали Муареми бил уапсен во Дубаи, па пуштен на слобода – Официјални информации се уште нема

Александар Тодески

Усвоена Развојната секторска стратегија за правосудството 2024 – 2028 година

А1он

Палевски може да се жали на секоја фаза од постапката и само тој има право да побара побрза екстрадиција

Рекламирањето на партиите за избори да не биде веќе на товар на државата предлага работната група за измени на Изборниот законик

Министерството за правда го испрати барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски

Катерина Ѓуровски

Во новиот закон што го предлага Правда, помилување може да има само доколку е донесена правосилна судска пресуда