Присутни се предрасуди и стереотипи за можностите на децата со аутизам и нивното место во редовното образование. Голем дел од децата со аутизам се соочуваат се уште со неприфиќање, изолираност и дискриминација од нивните соученици, од родителите на децата, но и од наставниот кадар.
Ова денеска го истакна народниот правобранител Иџет Мемети на тркалезната маса „Децата со аутизам во редовното основно образование“. Организатори се Народниот правобранител, Австрискиот обудсман борд и Лудвиг Болтцман институтот за човекови права.
Мемети информира дека спровеле истражувањето во основните училишта во учебната 2014/2015 година за бројната состојбата на децата со аутистичен спектар на нарушување и подготвеноста на училиштата за квалитетно и ефикасно образование на овие деца во редовната настава.
Во истражувањето се констатира дека се работи за ранлива категорија граѓани и за нивните права кои, како што рече, во пракса отежнато се остваруваат пред се поради нецелосна подготвеност и несоодветна опременост на училиштата за инклузивно образование, согласно потребите на овие деца.
– Не се доволно сензитивни ниту органите и институциите кои се должни да создадат услови за непречено и квалитетно образование на овие деца поради што имаме декларативно инклузивно обраование за децата со аутизам, рече Мемети.
Професорот Ернст Бергер од австрискиот омбудсман борд информираше дека во одделенијата во Виена каде се интегрираат децата со нарушување од аутистичниот спектар најчесто има по двајца наставници, а по некогаш ако има потреба и асистенти.
– Дефектолозите не работат во самите паралелки, туку на стручно усовршување и помош на наставниците. Им помогаат на наставниците да се дообучат, да стекнат повеќе вештини и да се оспособат за работа со овие деца, рече Бергер. Додаде дека во Виена има и посебни паралелки кои се наменети за децата со атутизам или има два паралелни системи, едниот е интегриран, а другиот наменет посебно за овие ученици.
Тој посочи дека на подрачјето на Виена секоја учебна година има околу 360 деца со нарушување од аутистичниот спектар или околу половина процент од вкупната популација на ученици во возрасната група од шест до 15 години.
Професорот Владимир Трајковски од Институтот за дефектологија и претседател на Македонското научно здружение за аутизам изјави дека во скопските општини има по еден вработен дефектолог, а во другите општини низ Македонија состојбата е полоша.
– Децата со аутизам се најмаргинализирани и нив најмалку им е достапна едукацијата. Состојбата може да се надмине само со високо подигната јавна свест на граѓаните и на властите кои мора да одвојат повеќе средства од буџетот за едукација на дефектолози, психолози, педагози како да работат со оваа популација на деца и да го спроведат законот, рече Трајковски кој појасни дека во секое основно училиште треба да има по еден вработен дефектолог ако сакаме да ја спроведеме инклузијата како што е во земјите на ЕУ.