Трите групи за „5 минути“

Од:

Анализирајќи ја моменталнатат геополитика на Балканот ќе видиме дека иако покрај кризата во ЕУ скоро сите земји сакаат да влезат што побргу во ЕУ, барем декларативно. Најеклатантен пример според мене е Србија, земјата која беше и сеуште е најголем противник на западот од сите земји во регионот. Малку е чудно зошто токму оваа земја која е близок сојузник со Русија толку сака да влезе во ЕУ, но не и во НАТО?

Србите сфатија многу добро дека во политиката нема инает, колку повеќе инает водиш, толку повеќе губиш. „Инаетливата“ политика која ја водеа изминатите 10 тина години, дури денес ја наплаќаат, каде изгубија дел од својата територија, ресурси и население, се со една цел само да постигнат договор со Приштина за да влезат во ЕУ. На прв поглед изгледа дека тој влез ќе го платат прескапо, но дали тоа е навистина така?

Нечесто судбината на еден народ ја одредуваат неколку луѓе, и тоа во голем дел зависи од нивната визија, далекогледост, искреност и капацитет да ја спроведат планираната политика. Според мене Балканот во моментот се наоѓа на еден крстопат, каде ќе се одлучуваат многу битни гео-политички прашања. За посликовито да Ви објаснам што подразбирам под поимот крстопат, ќе наведам два историски примери каде мислам дека се случија такви крстопати.

Првиот беше веднаш после Втората Светска Војна, каде за наша среќа имавме лидер кој имаше визија за иднината и точно предвидуваше што ќе се случи, а уште поточно знаеше што треба да направиме ние и како да се позиционираме на таа сцена, за разлика да речеме од една Бугарија, Романија или Унгарија. Македонија ја имаше таа среќа да биде дел од Југославија и на крилјата на тоа визионерство, не само што создаде своја држава, туку и достигна восхитувачки економско-индустриски развој, кој не верувам дека на краток или среден рок воопшто може приближно да се повтори, гледајќи од денешна перспектива. Вториот таков крстопат беше на почетокот на 90 тите кога се растураше таа држава, тогаш ниту еден од лидерите на тогашните републики кои произлегоа од Југославија, немаше потполна претстава што се случува, а камо ли да знае што треба да се направи. Затоа и ни се случија војните на овие простори и сите останати лоши работи, чии последици се чувствуваат и ден денес.

Јас би рекол дека Македонија сепак помина најдобро од сите останати држави, за наша среќа имавме човек кој сепак ја согледа ситуацијата и го избра најдоброто можно решение. Киро Глигоров го направи безболно и без некои големи загуби тоа осамостојување на Македонија и ги удри темелите на третата Република. Македонија се развиваше под неговото визионерство наредните 10 тина година, кои беа исполнети со мачни процеси на менување на комплетниот економско-политички систем на државата, операција која е многу комплексна за реализација, но сепак се заврши.
Денес исто така овој регион се наоѓа на еден крстопат, каде Европа според мене ги дефинира нејзините суштински граници. Историски гледано таа граница се наоѓаше до Словенија и Хрватска, кои биле во рамките на Австро-Унгарија, додека останатиот дел на југ бил во рамките на Отоманската Империја. Јас мислам дека денес се случува истиот таков договор помеѓу ослабнатата Европа и се посилната Турција. Србија го согледува тоа и затоа со сите сили сака да ја прерипи таа граница и заедно со Хрватска и Словенија да стане дел од Европа, затоа толку им се брза на Србите.

Македонија која до пред само неколку години беше лидер на Балканот далеку пред Албанија, Србија, Црна Гора и Косово, денес се наоѓа на самата опашка и нашето криминално-бандитско раководство поим нема што се случува околу нив, за нив поважно е во 3 сабајле да наместат 40 тина споменици, да реализираат уште некој од тие ветени 10.000 „проекти“, кои дополнително ќе придонесат за тоа младите да побегнат од државата, бизнисмените да ги затворат своите бизниси, да завладее сивило, безнадежност и очај, бидејќи тоа е плодната почва каде цути безредието, беззаконието и криминалот.

Но да се навратам на насловот. Секој човек во животот добива свои 5 минути, истото важи и за државите, нациите и народите, кои јас ги делам во 3 групи. Првите кои ќе го увидат дека дошле нивните 5 минути и соодветно и на време ќе реагираат.

Вторите кои ќе согледаат дека дошле нивните 5 минути, но поради страв и немање доволно храброст или знаење нема да реагираат соодветно и навреме и ќе ја прокоцкаат својата шанса. И третата група се тие кои воопшто нема да видат дека нивните 5 минути дошле и поминале, а тие ревносно се уште ќе ги чекаат.

За жал нашата власт е во третата група, која абер нема, ниту пак ја интересира што се случува околу нив, за нив е важно да направат некој криминал, кој ќе го претстават како „проект“ или „реформа“. Целиот државен врв да оде да моли да не го затворат синот на човек од врвот, во државата која ја прокламираат како смртен наш непријател и главен виновник за се што нам ни се случува. Да се прошетаат до некоја егзотична земја, демек ја претставуваат Македонија, како инвеститорски рај…

А каде е во оваа приказна народот? Народот наш се(го) воз(ат)и низ темниот тунел и чека од некаде да се појави некаква светлина, која за жал кога ќе се појави ќе ни ја покаже грозоморната слика од нашето општество.

Никола Ќурчиски студент на постдипломски студии во Москва

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска