Заеднички залагања на државата, компаниите, невладиниот сектор и граѓаните за справување со климатските промени преку зачувување и подобрување на животната средина. Ова беше еден до заклучоците на денешната трибина што под наслов Општествено одговорни бизниси – акција за клима во Тетово заеднички ја организираа амбасадата на Германија во Македонија и Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко свест од Скопје.
Германскиот амбасадор во Македонија Томас Герберих изјави дека состојбите со животната средина се значајни и ги засегаат сите и големите и малите земји, без разлика и на нивото на развиеноста, па поради што е неопходно сите чинители да имаат координиран пристап во разрешувањето на еколошките проблеми.
– Во ноември оваа година во Бон ќе се одржи светска климатска конференција посветена на намалувањето на емисијата на стакленички гасови. Германија презема многу активности во оваа насока. Во Македонија ние подржуваме два вакви проекти меѓу кои е инсталацијата Сити три (City tree), изјави Герберих.
Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули рече дека состојбите со климатските промени не се само задача на Владата туку во нивното подобрување треба да учествуваат и другите чинители како бизнис заедницата, невладиниот сектор и најавжано од се граѓаните со нивното секојдневно однесување. Тој најави повеќе мерки во оваа насока.
– Бизнис заедницата мора да добие точни и навремени информации за процесот на хармонизација со законодавството со ЕУ околу животната средина. Исто така тука е проблемот со собирањето на парите од еколошките такси и намерата тие да се трошат стриктно за таа намена преку формирање на еколошки фонд, наместо како досега парите да одат во централниот буџет и потоа да не се знае за која намена се потрошени, рече Макрадули.
Тој смета дека Владата треба да го поддржи еколошкото работење преку т.н. регулаторна гилотина за надминување на бирократските пречки за еколошко свесни компании и бизниси, како и цврсто набљудување и преземање на соодветни мерки за загадувачите на средината. – Сите овие законски предлози мора да ја поминат собраниската процедура, изјави Макрадули.
За Ана Чоловиќ од Еко свест, важен чинител во подобрување на состојбите со животната средина, е подобро разбирање на оваа област.
– Дискусиите на оваа тема мора да одат во правец граѓаните да разберат дека поплавите и дел од другите елементарни непогоди и појави во делот од причинителите ја имаат ерозијата или други лоши влијанија и дејствија од страна на човекот во средината. На денешната трибина ќе бидат преставени и успешни примери на бизниси со еколошка одговорност кон средината како компаниите Еколог, Кнауф и Везе Шари, рече Чоловиќ.