„Трезор“ е најновиот предмет на Специјалното јавно обвинителство што го објави денеска, а се однесува на економски криминал кој произлегува од прислушуваните материјали.
Специјалната обвинителката Фатиме Фетаи на прес-конференција информира дека овој предмет се однесува на груба злоупотреба на средствата од Буџетот на Република Македонија од страна на три раководни лица во УБК и едно раководно лице во Министерството за внатрешни работи.
Како што рече, тие го оштетиле Буџетот на РМ за 862.042 евра во корист на правното лице Финзи ДООЕЛ Скопје, со набавка на електронска и комуникациска опрема од Велика Британија, наменета за 5-та управа.
Управител во Финзи ДООЕЛ беше Коста Крпач, лице кое беше амнестирано, иако необвинето од страна на Ѓорге Иванов, па потоа во неразјаснети околности се самоуби.
Опремата наместо директно од британскиот партнер е набавена преку Финзи ДООЕЛ за многу поскапа цена, со што е направена корист за Финзи ДООЕЛ.
Опремата потоа иако застарена била дадена повторно на одржување на Финзи ДООЕЛ, со што буџетот е оштетен за 290.000 евра.
„Парите и вистината се како шило, секогаш излегуваат на површина. Секој што сторил злоупотреба ќе седне на обвинителна клупа“, рече Фетаи.
Ова е шести предмет на СЈО. Досега отвори пет истражни постапки „Титаник“, „Тортура“, „ТНТ“, „Тврдина“ и „Транспортер“, а поднесе и две обвиненија.