Третманот на Охридскиот рамковен договор во медиумите (2)

Од:

Полициска единица Тигри во Матејче (лево). Фото: Википедија, 2001. Единица на УЧК во движење над Тетово, 2001 (десно). Фото: фрејм одЈуТјуб видео клип, 2007

 

Потенцирањето во насловите, но и во содржината на текстовите дека потписниците од македонскиот политички блок нема да присуствуваат на одбележувањето на Охридскиот рамковен договор и поклопувањето на годишниот одмор на лидерот на ВМРО ДПМНЕ со овој настан (и не само годинава) не случајно го наведува читателот кон размислувањето дека македонскиот етнички блок (и позиција и опозиција) не е задоволен од начинот како се практикува овој договор.

 

Пишува: Доц. д-р Светлана Вељановскадоктор по меѓународно право

 

(Ова е втор и последен дел од анализата. Првиот дел, објавен вчера, можете да го најдете овде)

 

Радио DWза Охридскиот рамковен договор пренесува експертски мислења. Иако станува збор за лични ставови, јавноста добива впечаток дека станува збор изјави кои не се однесуваат на ист документ.

Изјавата на еден од аналитичарите дека:

Иако кризата во 2001 беше проследена и со вооружени конфликти, многу мал дел од тие тензии се пресликаа на терен, помеѓу соседите од различна етничка припадност. На пример, не се сеќавам дека во текот на целата 2001 година сме имале една меѓуетничка тепачка во кафеана. Тоа е затоа што тоа беше ’top down’ криза, која почнува од елитите и не допира до ‘обичните граѓани’. Тоа беше политичка, криза на националност, идентитет, колективни етнички права. Застапник на тие барања беше ДУИ. Охридскиот договор во голема мерка ги адресираше токму тие проблеми, почнувајќи одозгора надолу. Како таков, тој е релативно успешен документ, и односите помеѓу македонската и албанската елита се значително подобрени.

И наспроти него комплетно спротивен став:

По 13 години од тој Договор, состојбите сѐ уште потешки отколку што беа пред неговото потпишување. Наместо унитарна Македонија, имаме партиска федерација и во секој федерален партиски дел партиите на власт ги уживаат благодетите на таканаречениот економски раст на државата. Наместо меѓунационално помирување, палењето на куќи и тепањето меѓу младите од разни етникуми со епилог на убиства станаа тренд на деценијата. Наместо соодветно претставување на етничките заедници во институциите, денеска имаме партиско вработување на активисти кои лепат плакати за време на изборите, како услов за добивање на министерско или директорско место. Таканаречениот Секретаријат за имплементација на Охридскиот договор стана партиско биро за вработување на партиски активисти на ДУИ“.

Ова говори дека појдовната точка од која се известува за Охридскиот рамковен договор е многу поинаква од онаа која се практикуваше од страна на медиумите во моментот кога тој беше потпишуван, бидејќи тогаш неговиот третман беше како единствено можно решение за надминување на настанатиот меѓуетнички конфликт во РМ.

Потенцирањето во насловите, но и во содржината на текстовите дека потписниците од македонскиот политички блок нема да присуствуваат на одбележувањето на Охридскиот рамковен договор и поклопувањето на годишниот одмор на лидерот на ВМРО ДПМНЕ со овој настан (и не само годинава) не случајно го наведува читателот кон размислувањето дека македонскиот етнички блок (и позиција и опозиција) не е задоволен од начинот како се практикува овој договор.

Бриф дури потсетува на минатогодишното одбележување, кога експремиерот Љупчо Георгиевски вели дека во 2001 година неволно се согласил да стави параф на „новата уставна рамка“. Но, подоцна отворено призна дека ако треба да се направи анализа за тоа дали Македонија имала потреба од радикална промена на својот Устав, тогаш треба јасно да се каже – да.

Поврзувањето на Охридскиот рамковен договор со актуелното македонското секојдневие стана практика во нашите медиуми. Ставот дека Охридскиот рамковен договор уште повеќе го подели македонскотo општество и го нема ниту она малку соживот кој постоеше пред воениот конфликт во 2001 година може да го видиме наТелма;

Сител го третира како:

Парче хартија кое донесе мир во 2001-ва, влезе во тинејџерските години. На 13-тиот роденден го дочекаа протестите за „Монструм“ и тврдењата на дел од политичарите од ДУИ дека договорот се спроведува само квантитативно, но не и квалитативно.

Утрински пишува дека :

Тринаесет години од потпишувањето на Рамковниот договор, Македонија сѐ уште се занимава со бројки и анализи колку е направено во неговата примена, а не и со тоа дали добивме функционална демократија и мултиетничка држава во која се почитуваат различности.

 

КАДЕ ГРЕШАТ МЕДИУМИТЕ?

Поврзувањето на функционалноста на институциите на една држава со еден документ, кој во времето на негово донесување се третираше како единствен начин за престанок на вооружениот конфликт во земјата, во никој случај не треба да биде единствениот приоритет при пишувањето за Охридскиот рамковен договор од страна на медиумите.

Уставните измени во делот на Преамбулата, територијалната организација, (не)дискриминацијата, образованието, употребата на јазиците и сл. претставени генерално во трите анекси за уставните амандмани, законските измени и имплементацијата на мерките за градење на доверба, се веќе формално внесени во сите Закони каде тоа беше потребно (почнувајќи од Уставот преку Законот за образование, децентрализација и сл).

Напротив, можеби подобро е да се побара од соговорниците да се произнесат околу функционалноста на измените внесени во Уставот и законите и за тоа дали тие се применуваат „козметички“ или се суштествено вградени во системот.

Такво нешто се сретнува во дневниот весник Вечер каде на прашањето дали е потребен нов рамковен договор, се добива одговор дека тој е добар само има проблем и пречки во неговата имплементација.

Прашања на кои медиумите не побараа одговор се следниве:

  1. Кога партнерите во Владата ќе настапат со заеднички став околу квалитетот на државната администрација (како дел од примената на рамковниот договор- оддел 4)
  2. На кој начин се одредува колку претставници од етничките заедници треба да се застапени во определени ресори и кои квалитативни критериуми тие треба да ги задоволуваат, покрај процентот како досега единствено мерило; (оддел- 3 и 4)
  3. Зошто застапеноста на етничките заедници се гледа само како сразмерен процент на Македонци и Албанци? (Анекс Ц-5)
  4. Каде се тука другите етнички заедници? (Анекс Ц-5)
  5. Што се случува со пописот? Зошто оваа статистичка операција се политизира? (Анекс Ц -2)
  6. Зошто интеграцијата не е подеднакво медиумски третирана и за раселените лица од македонска етничка припадност во средините каде Албанците се мнозинска заедница? (Анекс Ц- 3.2)

Не треба да се заборави дека покрај пренесувањето на информации секоја редакција е должна да бара од своите соговорници да се произнесат за суштествени прашања кои се од важност за целокупното население во државата (се разбира, со приоритетни обврски кон своите читатели). Кога станува збор за Охридскиот рамковен договор повеќе од евидентно е дека во изминатите тринаесет години еуфоријата околу неговото потпишување кај македонската и албанската страна се трансформира во премолчено несогласување, а годинава и во отворено искажување за потребата да се направат суштински измени.

Задача на медиумите е да овозможат пошироката јавност да биде во тек со сите овие трансформации и да им даде вистинит приказ на тоа како размислуваат актерите во креирањето на овој договор.

(Крај)

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана одМетаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска