Осум студенти од САД, Австралија и Велика Британија се во триденеделен студиски престој во Македонија во рамки на третиот проект „Родум од Македонија“ (Birthright Macedonia) што го спроведува Обединетата македонска дијаспора (ОМД) со Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) како локален партнер.
Како што соопшти денеска ОМД, Тајлер Муреј, Валентина Талевски, Наташа Петреска, Дилон Огненовски, Никол Крингс, Џереми Дросинис, Илија Влчевски и Џејмс Цветковски ќе бидат на студиски престој кој е комплементарен на нивните академски цели, на нивната кариера или на нивните општи интереси. Ќе имаат пракса во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, на Факултетот за фармација при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во СОС Детското село, во Црвен Крст на РМ, во Хелтгрупер, Некстсенс и во Македонската асоцијација за човечки ресурси. За време на нивиот престој, тие ќе живеат со семејства-домаќини и одблизу ќе можат да го видат секојдневието и културата на Македонците. МЦМС се погрижи да ги организира и дополнителните активности за време на викендите кога студентите ќе можат да ги посетат значајните културни манифестации што ќе се одвиваат во тој период.
„Родум од Македонија“ се спроведува од 2015 година. Целта е младите Македонци кои се родени и живеат надвор од државата да го запознаат нивното културно наследство и да воспостават контакти и пријателства меѓу себе и со нивните врсници во Македонија.