Тренчевска: Нашата борба продолжува, се до моментот на постигнување на еднаквост во сите области на општественото живеење

Од:

Под слоганот „Различни приказни, заедничка борба“ денеска во Владата на Република Северна Македонија се одржа настан по повод 8март-Меѓународниот ден на жената, во организација на Министерството за труд и социјална политика, на кој присуствуваа жени од различни ранливи категории.

Министерката Тренчевска потсети дека не само 8 март туку за правата на жените треба да се зборува секој ден од годината. Таа рече дека тоа е ден кога треба да се оддаде почит и признание на достигнувањата и на борбата за еднаквост на сите жени и девојки и воедно да се осуди секој облик на дискриминација, насилство и вознемирување.
„Сите ние овде присутни доаѓаме со различни животни приказни, но таа разноликост е нашето богатство. Она што сите нас не обединува овде е борбата која секоја од нас ја води. Заедничка е и храброста, истрајноста, толеранцијата, емпатијата, посветеноста. Како министерка за труд и социјална политика, но пред се како жена која долги години е посветена на родовата еднаквост, сакам да Ви порачам, вам но и на сите жени, дека секогаш ќе стојам на страната на еднаквоста, на правдата, на концептот на едно општество за сите. Општество во кое и жените и мажите ќе имаат еднакви можности и пристап до сите ресурси во општеството,“ рече министерката Тренчевска.

Претседателот на Владата на РСМ, Димитар Ковачевски истакна дека без потполна родовата еднаквост, нема ниту демократија , ниту социјална правда. Овие прашања ќе бидат решени само ако им дадеме постојана гласност, видливост и ако секој ден зборуваме за нив и ги истакнуваме пред целото општество.

„Како Влада активно работиме да изградиме општество без стереотипи и дискриминација, општество кое е инклузивно и обезбедува еднакви можности за сите. Нашите заложби за економско зајакнување ги вклучуваат подеднакво и девојките и жените. Независни и економски силни жени, со свој силен глас и мислење, со можности за слободен избор и еднаквост, се иднината на нашата држава која нема да толерира дискриминација по ниедна основа. Само така, заедно создаваме инклузивно, еманципирано и силно општество, истакна Ковачевски.

Првата жена која ја раскажa својата приказна е самохрана мајка на дете со попреченост и дел од згрижувачките семејства во нашата држава, што ја покажува нејзината храброст и посветеност не само кон своето дете, туку и да понуди грижа и топол дом за некој кој што тоа му недостига.
„Да се биде згрижувач, не е само да се земе дете, да има кај да спие, да јаде или престојува. Секој згрижувач треба да го почувствува детето, моментот на загриженост, на немир, на тага, да се биде до него, да го фати за рака, да го гушне, рече Сузана Стојановска, мајката на Никола- дете со Даунов синдром и згрижувач на Денис-дете со оштетен вид. Две посебни деца кои одлично се надополнуваат.

Според, претставничката на UN WOMEN, Весна Ивановиќ стереотипите за местото и улогата на жената во домот и општеството за жал се’ уште се насекаде околу нас, секојдневно, на улиците, во училниците, во медиумите, во домовите.

„Професиите се уште се делат на машки и женски и жените на одлучувачки позиции особено клучни одлучувачки позиции се бројат на прстите на рацете, а некогаш и само на едната рака. Затоа, на овој 8ми Март, сакаме да им оддадеме посебна почит на сите жени (и мажи) кои на свој начин придонеле и придонесуваат кон родовата еднаквост,“ истакна Ивановиќ .

Арифе Адеми, мајка на Ембла, девојчето со Даунов синдром од Гостивар, зборуваше за нивната семејна приказна и предизвиците со кои тие се соочиле.

„Мојата приказна со доаѓањето на Ембла на овој свет, не е многу поразлична од вашите приказни, бидејќи во нашите приказни има многу љубов, многу болка, и многу надеж за една подобра иднина. Секогаш кога ќе ја погледнам Ембла во очи , како да ми вели: Ми даде збор, дека нема да се предадеш и дека нема да се умориш, барајќи права за мојата иднина! Те молам биди силна, мамо!, рече Адеми.

Би можело да ве интересира

Велковски: Буџетот на МТСП оштетен над 2,5 милиони евра

МТСП: Си заминува стручниот кадар од Центрите за социјална работа

Нема веќе предвремена исплата, пензиите како пред пандемијата

Катерина Ѓуровски

МТСП: Пензискиот фонд е стабилен, да не се креира страв кај пензионерите

МТСП: Социјалните партнери постигнаа значителен напредок во преговорите за раст на платите во јавен сектор

МТСП: Во тек е исплата на образовниот додаток за трет мерен период за учебната 2022/2023 година

Ана Ололовска