Да ги засилите транс-гласовите, да се осврнеме на постојаните пречки кои го прекинуваат нашето секојдневие, но и на потребата од разбирање, поддршка и љубов од другите околу нас, порача денеска Иницијативата за заштита и унапредување на правата на тронсродовите лица во Северна Македонија ТРАНСФОРМА, по повод 20 Ноември – Меѓународен ден на сеќавање на трансродовите жртви на насилство и убиените транс-лица.
Од Иницијативата велат дека разните форми на злоупотреба, па дури и смрт поради оспорувањето на ставовите, на поимите и на стереотипите околу „машкиот“ и „женскиот“ идентите се сериозен проблем со кои транс-луѓето со генерации се соочуваат.
Потсетуваат дека од 1 октомври лани до 30 септември оваа година забележани се 350 убиства на транс-луѓе во 74 земји. Во изминатите 12 години пак, се случиле дури 3664 убиства од омраза на транс-луѓе во исто толку држави, а дел од нив биле исклучително сурови и брутални.
– Во Северна Македонија трансродовите лица трпат различни видови на насилство кое често поминува неказнето или непријавено поради страв. Всушност, насилството е неизбежна тема во дискусиите за животните искуства на нашата заедница. Од пријавените убиства ширум светот, сексуалните работници го сочинуваат мнозинството жртви. Од пријавените убиства на транс и родово различни луѓе чија професија била позната, ширум светот, 62 отсто биле сексуални работници, наведуваат од ТРАНСФОРМА.
Затоа, како што посочуваат, испраќаат повик за сите да ги засилат транс-гласовите, да се посветат на конкретни активности и да ги потенцираат ресурсите и перспективите и да работат за унапредување на транс-правата.
– Денес, луѓето и организациите ширум светот се мобилизираат за да му се спротивстават на транс-насилството со кое се соочуваме. Одбиваме да бидеме жртви!, се посочува во соопштението.