Трајковски: Измените за ДДВ се по барање на малите фирми

Од:

Ноторна лага се информациите што деновиве ги пласираат некои медиуми, дека измените на Законот за ДДВ ќе бидат смртна казна за малите бизниси, рече денеска директорот на Управата за јавни приходи Горан Трајковски.

Според него, нонсенс се и тезите дека оваа мерка се воведува за да се полни буџетот.

– Ова е барање на малите и ситните бизниси, тоа најодговорно го тврдам. Доколку тие не се ДДВ обврзници, не можат да бидат конкурентни и атрактивни на пазарот, ниту препознатливи за големите компании, напомена Трајковски на прес-конференција.

Законските измени треба да стапат на сила од 1 јануари 2015-та, а предвидуваат даночни обврзници да бидат сите компании кои остваруваат годишен приход од еден милион денари, наместо од два како досега.

Како што образложи Трајковски, се носат за воспоставување фер и еднакви услови на пазарот, како и за зголемување на лојалната конкуренција.

– Либерализацијата на условите за станување ДДВ обврзник се, пред се, во прилог на бизнисите, а не во прилог на Буџетот. Во оваа насока зборуваат бројките, реланоста, теоријата, искуството и фактите, подвлече директорот.

Оној што не е ДДВ обврзник, додаде, е во инфериорна, подредена положба. По дефиниција, секој ДДВ обврзник сака да работи со ДДВ обврзник.

– Малите ДДВ обврзници создаваат негативен ДДВ ефект на буџетската сметка, односно во вкупната наплата на данокот на додадена вредност, потенцира Трајковски.

Во Македонија моментно се регистрирани 34.000 ДДВ обврзници. Согласно тековните анализи по повод предложените законски измени,  10.305 субјекти исполнуваат услови да станат ДДВ обврзници со планираниот праг од еден милион денари годишен промет – 9.060 правни лица и 1.245 трговци-поединци. Сепак, како што истакна директорот Трајковски, точната бројка ќе се знае во јануари идната година до кога ќе се процени и буџетскиот ефект од измените.

Одговорајќи на новинарско прашање како го коментира ставот на занаетчиските комори според кои измените на Законот за ДДВ ќе предизвикаат отпуштања на вработени, Трајковски со став дека тие бизниси очигледно пропаѓаат поради таквите раководства.

– Ова можеби сериозно звучи, како атак врз некое еснафско здружување, но таквото тврдење е еднакво со незнаење. Ако сум член на една комора, сакам да добијам поддршка, инструктажа, да ме наведе на вистинскиот пат. Но, во Македонија има комори и здруженија од група граѓани, двајца-тројца, кои само се кријат зад насловот дека застапуваат интереси на поголема формација, рече директорот на Управата за јавни приходи и повика на јавно соочување за ефектите од законските измени кај малите и микро претпријатијата, како и занаетчиите.

Би можело да ве интересира

УЈП ја објави новата листа на должници: 1801 фирма и 3606 граѓани должат 160 милиони евра

Орце Костов

Продолжување на рокот за поднесување ДДВ-04 пријави и надградба на ситемот е-ПДД

ВМРО-ДПМНЕ: Лукаревска место да поднесе кривична пријава до фирмите за криминал тежок над 22 милиони евра, таа ги става на листа на должници

Реакција на УЈП на прес-конференцијата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ

Демант од УЈП за тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ: Нема извршен поврат на ДДВ, даночните обврзници имаат даночен долг

Спречена измама со поврат на ДДВ од над 160 милиони денари на нафтени компании

Орце Костов