Безизлез. Фото: brian donovan, 2012
Зарем има нешто од она што го сведочиме секојдневно кога станува збор за состојбата на новинарството што веќе не е кажано, за што не е алармирано, протестирано? Не еднаш, туку постојано и постојано. А, работите се лизгаат удолу речиси непречено.
Пишува: Тамара Чаусидис
Пораката што како аманет ни ја остави Роберто Беличанец дека „тишината не е решение“ не ја спомнувам пригодно, заради тоа што измина една година како тој не е со нас, една година како секојдневно се уверувам дека максимата оти со време отсуството се намалува напросто не функционира, туку затоа што ова е мисла со која веќе подолго време се борам, полемизирам, се расправам, ја отфрлам и повторно и се навраќам.
Ако тишината, молкот, не е решението тогаш што е решението? Зборувањето?
Зарем има нешто од она што го сведочиме секојдневно кога станува збор за состојбата на новинарството што веќе не е кажано, за што не е алармирано, протестирано? Не еднаш, туку постојано и постојано. А, работите се лизгаат удолу речиси непречено.
Постои ли збор, податок, опис на состојба која ќе го запали алармот кај сите, која ќе предизвика акција што ќе ги придвижи работите на подобро? Постои ли вест, информација, колумна што ќе ја надмине рамнодушноста или подобро малодушноста?
ЗБОРУВАЊЕТО НЕ ДАВА РЕЗУЛТАТИ
Зборувањето формулирано како критика, како отпор не само што не дава резултати, туку спротивното – ја јакне агресијата и директната, без ракавици, окупација на медиумите што на своја кожа го почувствуваа многу професионалци. Можеби дијалогот е решение?
Но, зарем и тоа не го пробавме? Сите без исклучок ја минавме наивната фаза кога мислевме дека проблемите ќе се решат ако бидеме јасни во аргументите и прецизни во понудените решенија. Од таа, да ја наречеме наивна фаза, од најдобри намери од страна на новинарското здружение произлезе декриминализацијата на навредата и клеветата. Денес многу новинари ќе речат дека и покрај добрите намери сега е полошо. Тужбите и натаму се алатка за заплашување на непослушните, причина за мешање на сопствениците во работата на редакцијата и самоцензура на уредниците.
Последно, најмладо дете на таа наивна фаза сега, се чини, е саморегулацијата. Саморегулацијата е новиот рокенрол на медиумската заедница. Околу неа, односно за потребата од саморегулација, сите без исклучок се согласуваат. Меѓународната заедница и донаторите се решени да ја поддржат со проекти, новинарските здруженија ја промовираат, власта ја препознава речиси како единствен проблем во инаку, нели „надуениот балон“ за отсуството на слободата на медиумите.
Проблемот е само во тоа што во овој термин, ослободен од содржина, секој проектира сопствени агенди, кои често немаат врска со суштината на саморегулацијата, а тоа е принципот на слободна, доброволна одлука на новинарството да се придржува кон професионалните стандарди. А, како сега изгледа новинарската пракса, таа не може да биде подалеку од таквата одлука.
Ако за критичките медиуми дури и поставено прашање може да биде проблем,причина за демант, па дури и тужба, за оние другите кои се согласија да ја мултиплицираат моќта на власта сите ограничувања паднаа – сѐ е дозволено, не само политички памфлети , клевета, полувистина, медиумски линч без докази, без аргументи, туку и говор на омраза. Во таква ситуација на морално и професионално урнисување на новинарствотото да се говори за саморегулација е како во куќата на обесениот да се збори за јаже. Непримерно.
СТРАВОТ И КОНФОРМИЗМОТ ЈА УБИЈА ХРАБРОСТА
Затоа ги разбирам сите оние колеги од постарата генерација кои се решија на професионална самоизолација која се сведува на „купи ден – продади“. Ги разбирам што немаат проблем, па се дури и среќни што им го отстапија своето место на некогашни автори на насловни страници, или на ударни вести, на оние другите, што не се срамат да го почнат текстот или прилогот со „И денеска владата на Никола Груевски продолжи со остварување на предизборните ветувања…“, на оние кои се, нели, иднината на македонското новинарство.
Сосема ги разбирам колегите кои се на средината од својата кариера и кои панично бараат начин да излезат од професијата во која полуидиотите се иднината, затоа што во неа нема место за нив. Тоа е неповратен процес и тие тоа го знаат.
Она што требаше да биде јавно добро, веќе одамна ѝ е одземено на јавноста, а таа пет пари не дава за тоа. Она што требаше да биде новинарство им е одземено на новинарите, ама, се чини, на мнозинството новинари тоа не им пречи. Инаку, ќе имаше отпор во одбраната на професионалниот интегритет на сметка на несомнената добра волја да им се служи на сопствениците кои во Владата го гледаат својот најголем огласувач.
Можеби тишината не е решение, но гласовите што се борат против неа се сѐ помалубројни и поуморни, Роберто.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).