Темнина

Од:

Приказната не води во древната Индија, кога еден алчен водач сакал да стане бог. Дури му заповедал на локалниот свештеник да престане натаму да го фали Господа, оти не може да смисли конкуренција. Ако не го послуша – главата ќе му биде вишок.

„Зар немаш очи за да видиш што силна светлина има во мојата палата? А насекаде наоколу е само темнина“, му кажа водачот на свештеникот со агресивен тон.

Свештеникот цело време трпеливо ги ислушал, но сепак на крајот морал да му укаже на тоа дека и светлината и темнината често ги разменуваат местата. Но, водачот навикнат на тоа воопшто да не слуша кога зборуват другите, ниту ги забележил неговите зборови. По некое време водачот тешко се разболел. Молел на сите страни за помош.

На крајот заповедал да му го донесат и свештеникот. Му се пожалил дека гледа само темнина и мрак во палатата. А свештеникот со тивок глас возвратил – да, очигледно дека светлината е преселена надвор од палатата, а темнината е вратена во неа.

И кај нас станува очигледно дека се повеќе време што изминува тоа помалку светлина има во владината палата, но и во државата. Мрачни сили затемнеа се во државата.

Власта цело време сееше и стимулираше национализам и омраза, а сега се чуди што истото го жнее. Самата власт допринесувала да се акумулира толкава деструктивна негативна енергија. А сега ги обвинува сите други. Па кој го стимулираше национализмот по стадионите, по собирите, по манифестациите и во секоја друга пригода. Кој им плаќаше трошоци на одделни групи за да шират национализам во Белград? Кој градеше споменици?

Кој влечкаше свештеници по каментемелници на јавни институции? Кој славеше државни празници еднопартиски и едноетнички? Изгледа премиерот уживаше на патриотските извици по селските продавници со флаша пиво:„Така треба дечко“, слатки извици од посолени умови и разуми.

Најопасно од се е ако се постапува селективно кон националистичките појави. Власта за едниот национализам беше слепа а за другиот „големо око“. За едниот глува, а за другиот „големо уво“. Со селективен пристап не само што ги деградираме институциите на државата, туку создаваме опасна ситуација оти едниот национализам го охрабруваме а другиот го провоцираме.

Тепачките на граѓаните по автобусите и улиците поради различна етничка припадност е најекстремна форма на нетолеранцијата. Тука неминовно треба да се запрашуваме – што се случи што младите се доведени до овај степен кој е својствен само за Руанда и Нигерија? Никогаш порано на овие простори се немаат случено вакви неселективни инциденти. Дури и за време на конфликтот од 2001 година немало вакви опасни појави. Кој ги отрул младите до ова ниво?

Признавам дека поради уникатноста на негативностите воопшто не ми е лесно да ја дефинираме оваа хаварија од владеење. Владата и нејзините кормилари конечно ја доведоа државата пред тотален колапс и дестабилизација. На меѓуетнички план веќе наликуваме на Газа, Судан или Нигерија. По економска состојба сме блиску до Ангола и Сомалија.

По демократски капацитет сме рамно на Зимбабве. А по сиримаштијата ни нема конкуренција, оти сме на врвот на светската листа. По многуте важни сегменти сме на самото дно, а само по задолжувањето сме на врвот. Со лоша политика сме доведени до состојба каде што не можеме да правиме разлика меѓу деструктивното и разумот. Меѓу доброто и злото. Меѓу нормалното и ненормалното.

Пред пет години бевме лидери во регионот по интеграцијата во НАТО и Европската унија, а сега не не есапат ни во Африканската унија. Тогаш бевме регионален пример по меѓуетничката толеранција, а сега сме претворени во Бејрут. Имавме доста пријатели и подржувачи, а сега едните ги истеравме а други не напуштија.

И сега во Брисел служиме само за потсмев. За жал создадовме таков амбиент што веќе не се знае кој јаде а кој пие, но добро се знае кој плаќа. Се ова е поради чудната политика која немаше улога да решава проблеми туку да создаде нови.

Неодговорната власт гази по крикови и извици, а одговорната ќе го слуша не само кажаното туку и премолченото.

А власта никако да престане да се фали дека ни е многу добро ама дека проблемот е кај нас што немаме потребен капацитет за да ја почувствуваме таквата доброта. Барем виртуелно ни е прекрасно! Оваа состојба воопшто не ја посакувавме иако ја предвидувавме. Дури јавно предупредувавме во неколку наврати дека се движиме кон опасен кањон.

Дури на премиерот му понудивме добронамерни совети и тоа бесплатно. Но, изгледа не успеавме да го убедиме дека сме добронамерни. Или пак можеби не ги исполнувавме критериумите за да припаѓаме на тоа елитно друштво на мегафони сочинето од козари, бурекџии и шарлатани.

Но, сега верувам дека конечно можеби на власта ќе и дојде умот. Можеби премиерот сфатил дека токму тие што ги сметаше за големи пријатели го навлекоа во длабок кал и жив песок.

Баш ме интересира што ли сега тие негови „пријатели“ го советуваат кога мечката веќе му заигра на дворот. Што ли се му кажуваат сега, кога државата е доведена до вакво дереџе рамно на меѓународен срам? Можеби му сугерираат и понатаму да продолжи рајот да го пребарува во средината на пеколот. Или пак и понатаму го советуваат да продолжи по патот низ кој претходно поминувал Сизиф со својот камен. Можеби и понатаму му кажуваат да троши за споменици и фудбалски игралишта, а не за развојни проекти, оти луѓето повеќе преферираат игри отколку леб.

Им успева ли и понатаму да го лажат, а тој да ужива во нивните лаги? А можеби токму ова сите го посакувале. Цело време мегафони не убедуваа дека се работи за историска влада, а таа ги пропушти сите историски шанси. Конечно е јасно дека никој не може да ни помогне до тоа ниво колку што ние самите си одмогнуваме. Ја доведовме ситуацијата до ниво каде што бројот на несреќниците се приближува кон бројот на жителите.

Не е можно ништо добро да очекуваме од систем кој е комплетно корумпиран. Наместо да изгради амбиент на еднакви можности, тој цело време ги корумпира гласачите.„

Гласајте за нас па ќе ве вработиме, ќе ве авансираме, ќе добиете субвенции“… Па тие пари не се на нивните дедовци или татковци па да прават што сакаат! Тие се пари на сите граѓани. Во нормална држава за ваква состојба, не само што се поднесува оставка туку се завршува и пред судот.

Последен совет до коалиционите партнери, за да не завршат во историјата како гробари на државата и на граѓаните. Решето го проблемот со името и почнете да се однесувате сосема спротивно од досегашното.

Бегајте од монтирани процеси и најдете ги вистинските виновници.

Оти веќе се чувствува темнината.

 

Мерсел Биљали – аналитичар и универзитетски професор.

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска