„Ликвидацијата на нашите деца е нарачана, а извршителите се штитени од политичарите, особено двајцата кои се на Косово Алил Демири и Африм Исмаиловиќ за кои се уште нема екстрадиција“ – ова го изнесоа четоврицата татковци на убиените момчиња кај Смилковско езеро кои пред малку заминаа од судот каде се одржуваше рочиште за крвавиот настан.
По подолго време и отсуство од судницата, родителите се појавија директно да го слушаат исказот на сведокот Диме Весков, затвореник од Идризово, кој тврдеше дека Опел омегата која е пронајдена и која сроред Јавното обвинителство се користела при ликвидацијата, е во сопственост на полициската единица „Алфа“, односно дека полицајци го приведувале со истата кола во 2009-тата и 2010-тата и тој ја препознал на телевизија и веднаш самиот се јавил кај адвокатите во „Монструм“ за да пријави дека позната му е колата.
Истото го тврдеше и пред судот – дека Опелот е полициски и дека оперирал низ Бутел и Радишани и дека го познава по бојата и по регистарската табличка.
Родителите останаа разочарани кога судот констатираше дека Исмаиловиќ и Демири остануваат на Косово и се уште нема екстрадиција за нив.
Не сакаа директно да кажат кои, но тврдат дека обвинетите имаат заштитиници во власта. За нив целиот случај е матен и тешко дека каква било завршница ќе им ја реши дилемата зошто настрадаа нивните деца.
Предраг Петровиќ