Таму далеку во Брисел…

Од:

Мојот настап во Европскиот парламент на 11 април 2012 година во Брисел отвори куп прашања во Македонија, како на пример: зошто бев јас повикана, а не некоја владина институција, кој ме „испратил“ мене, а не некој политичар или универзитетски професор, од каде сум ги нашла цифрите (со додавка „само мене познати“) итн.

Сепак, најголема манипулација беше тоа дека, наводно јас сум барала да се укинат ИПА-фондовите за Македонија. Да потсетам, Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент организираше јавна дебата за нацрт регулативата на ИПА II која треба да се применува во периодот 2014-2020.

Јас бев поканета да го изнесам македонското искуство од користењето на ИПА. Овде ќе се обидам да одговорам на некои од поставените прашања. Прво, јас воопшто не побарав од Европската унија да ги укине ИПА-фондовите за Македонија, пред се затоа што не сметам дека треба да се укине европската помош.

На прашањето зошто бев јас таму, можам да одговорам со четири непобитни факти – прво, јас сум Извршениот директор на организацијата која секои 3 месеци продуцира извештаи од следењето на процесот на евроинтеграциите на Македонија, второ, јас сум член на Комитетот за следење на ИПА за I-компонента за транзициска помош и градење институции, трето, Европскиот парламент има повеќегодишно искуство на успешна соработка со Македонскиот центар за европско образование и ги користи документите што организацијата ги изработува и четврто, Европскиот парламент соработува со голем број тинк-тенк организации и ја користи нивната експертиза

Зошто не беше поканет некој политичар или универзитетски професор, не знам, но сигурна сум дека покана доби македонското Собрание, како и сите парламенти од регионот, како и од Турција и од Исланд. Зошто никој не дојде од нашето Собрание е прашање за г-от Трајко Вељановски, а не за мене.

Цифрите што ги цитирам не се тајни и можат да се најдат на веб-страницата на Директоратот за проширување на Европската комисија, а произлегуваат од периодичната евалуација на ИПА која беше неодамна направена. Тоа дека другите не ги читаат извештаите и евалуацијата на Европската комисија не може да биде моја вина! Напротив, само покажува колку многу имав право.

Најжалосно од се е тоа што обајцата новинари-известувачи уште еднаш покажаа дека во Македонија е загрозена слободата на изразувањето. Известувачот на МИА, Марина Стојановска Тонева, иако не разбра ништо од моето излагање, реши да ја пласира дезинформацијата дека сум барала да се укинат ИПА-фондовите за Македонија, додека, пак, Бобан Нонковиќ, кој патем, воопшто не беше присутен во салата, раскажувал во прво лице, директно во емисијата на Јанко Илковски…

Повеќе од јасно е дека провладините мегафони имаа задача да го задушат секој обид за отворање каква било дебата за начинот на којшто Македонија ги користи европските средства. За жал, тоа им успеа. Никој не сака натаму да се дискутира за прашењата кои ги отворив во Европскиот парламент. Очигледно дека Владата нема намера да одговори зошто во рамките на I-компонента се уште се имплементираат проекти од ИПА 2007 и 2008, и зошто само 1,8% од средствата од ИПА 2009, и само 1,5% од ИПА 2010 се апсорбирани, или пак зошто македонските државни службеници не умеат да изготват прости проектни цели и задачи и мора за тоа да се користат скапи консултанти. Неодговорено ќе остане и прашањето зошто македонската владата не испрограмирала ниту едно евро за Поглавје 19 за вработување и социјална политика. Никој нема да побара објаснување од Владата зошто таа не сака да користи средствата од ИПА за да ги развие капацитетите на училиштата, синдикатите, ромските организации, општините, фармерите, малите и средните претпријатија итн. Никој нема да одговори зошто на Владата и се потребни две години за да администрира проста грант-шема од 1,6 милиони евра. Ќе објасни ли некој што мислела Владата кога правела твининг за Центарот за образование на возрасни, во вредност од 1,7 милиони евра знаејќи дека вкупниот годишен буџет на оваа институција е само 220,000 евра. Ќе објасни ли некој зошто основните документи не се преведени на македонски јазик, а се готови уште од 2007 година? Ќе одговори ли Владата зошто Македонија му дава 13,2 милиони долари на УНДП за спроведување на активни мерки за вработување кога имаме Агенцијата за вработување? Има ли воопшто објаснување зошто Македонија се уште нема Национален развоен план? Ќе му каже ли некој на премиерот дека ја ризикува целата акредитација од ЕУ со тоа што инсистира г-от Бахчовановски да биде главен ИПА-ревизор, бидејќи тој е партиски обоен и не е ревизор, туку правник. И уште илјада зошто ќе останат без одговори…

Немам никакви дилеми дека главната причини зошто започна оваа хајка против мене е тоа што се дрзнав да „и расипам“ на Владата да ја добие европската помош во форма на буџетска поддршка. Колку да нема дилеми – јас не сум против користењето на европската помош во форма на буџетска поддршка, туку сум против давањето буџетска поддршка на Владата на Груевски.

Лидија Димова

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска