Претседателот на ДПА Мендух Тачи денеска во седиштето на партијата се сретна со амбасадорот на Република Полска во Македонија Јачек Мултановски.
На состанокот, на кој амбасадорот бил придружуван од Марта Пшенизло, одговорна за политички и економски прашања при полската Амбасада, соговорниците разговарале за актуелната политичка ситуација, инцидентот во Собранието, деблокирањето на процесот на интеграција на земјата, меѓуетничките односи…
– Тачи првично му честиташе на амбасадорот за изборот на полскиот премиер Доналд Туск за нов претседател на Европскиот совет, што ја одразува положбата на Полска во Европа, како модел на економски успешна земја. Тој го информираше и за притисокот врз албанската опозиција за да се замолчи и да се донесат одлуки на штета на албанското население, се вели во денешното соопштение од ДПА.
Меѓу другото, на средбата Тачи ја подвлекол важноста на патот кон НАТО и Европската унија, како и важноста на изнаоѓање решение за прашањето за името со Грција.
– Ова треба да се случи што е можно поскоро, бидејќи интеграцијата на земјата во евро-атлантските структури обезбедува стабилност, мир, сигурност, добри меѓуетнички односи и економски развој, посочил Тачи.