Разговорите со ВМРО – ДПМНЕ продолжуваат за други политички прашања, но засега не сме стигнати до прашањето за влез во Владата, рече денеска на брифинг со новинарите лидерот на ДПА Мендух Тачи.
И при формирањето на Владата, додаде тој, јавно информиравме дека сме подготвени да ја подржиме доколку има позитивни чекори за деблокирање на интеграциските процеси, како и околу распределбата на буџетот за финасирање на образованието и културата на Албанците, инфраструктурата…
– Не верувам во некаква успешност на овој процес бидејќи наш највисок приоритет останува деблокирањето на интеграциите на земјата, но нема такви сериозни најави од страна на Владата иако јас имам најави и дојави од контакти што ги имам во Албанија, Косово и меѓународната заедница дека следните месеци сериозно ќе се работи на решавање на ова прашање, изјави Тачи.
Во однос на аферата „Прислушување“, Тачи истакна дека во двата објавени негови разговори со директорот на УБК Сашо Мијалков, тој не разговара со него како со шеф на тајна служба туку како со висок претставник на ВМРО – ДПМНЕ и оти двата разговори не се веродостојни освен, како што вели, во деталот околу подршката за поништување на избирачки места во Струмица откако СДСМ гласало за поништување на избирачки места во Струга, што ДПА не можеле да го толерираат.
За лидерот на СДСМ Зоран Заев, Тачи посочи дека жали што во 2008 година година дал голем политички придонес, како што рече, Заев да биде аболиран од страна на тогашниот претседател Бранко Црвенковски.
– Неговите тенденции да ме дискредитира мене лично политички се дозволени, но инсинуациите дека ДПА е во иста линија со ДУИ јавноста нема да ги прифати. Станува збор и за политичка дисфалификација дека ќе има и снимки за криминал и корупција на ДПА, што ги нема, рече првиот човек на ДПА.
За можноста за меѓународно посредување во надминувањето на состојбите, Тачи рече дека успешноста на посредувањето зависи од волјата на домашните политички лидери. За него формирањето на парламентарна анкетна комисија на чело со претставник од ДПА е најдоброто можно решение на кризата со експертска помош на меѓународната заедница од технички аспект и набљудување на целиот процес од дипломатите од политички аспект.
– Ние никогаш сме немале можност некого да гониме, во сегашната состојба не сме вклучени директно во аферите со што ги исполнуваме сите услови претседателот на комисијата да биде од ДПА, изјави Тачи.
За предлогот на Заев за преодна влада, лидерот на ДПА рече дека не е прифатлив за никого освен за Заев бидејќи со тоа не се опфатени барањата на другите политички чинители како ДПА, ДУИ, ВМРО ДПМНЕ…
– Со предлогот за преодна влада се удира директно во темелите на државата. Ако сега го направиме овој преседан да создаваме таква атмосфера целосно да не им се верува на институциите на системот тогаш и Албанците тоа ќе го прават многу брзо и тоа веќе нема да биде шпанска серија на криминалецот Заев туку тоа ќе биде еден многу сериозен политички конфликт што може да прерасне во етнички конфликт, рече Тачи.
Во однос на процесот на правна разврска на овој случај, тој истакна дека тоа подразбира претходен политички договор што ќе произведе кредибилитетна последователна правна завршница на процесот.
За партискиот конгрес во организација Зијадин Сеља што овој викенд ќе се одржи во Тетово и во Скопје, Тачи рече дека станува збор за поранешни функционери што се отстранети од ДПА и дека нема да интервенираат ниту да побараат судски прогон за нелегалното користење на нивните партиски симболи за да не им дадат аргумент на организаторите дека со суд ги спречиле бидејќи, како што рече Тачи, секое чудо е за три дена.