Мендух Тачи останува претседател на ДПА до локалните избори. Ова е заклучокот од денешниот шестчасовен состанок на Централното собрание на ДПА во Тетово, на која било решено да не се свикува вонреден конгрес на партијата на за избор на нов претседател по оставката на Тачи поради лошите резултати на последните парламентарни избори во декември лани.
– Централното собрание донесе тешка одлука да не го свика конгресот. Имам многу волја да се борам со противниците, но немам никаква волја да се борам со моите луѓе. Временскиот контекст е таков што не ми овозможува многу простор. Се наоѓаме на прагот од локалните избори и морално не сакам да играм како некои други лидери. Ако избиравме друг претседател имаше голема можност да се соочи со многу слаб резултат на локалните избори и тоа да се интерпретираше како ефтин политички трик од моја страна. Прифатив да ја водам партијата на овие локални избори убеден дека ќе имаме многу посилен резултат, но заедно направивме еден компромис со Централното собрание да имаме конгрес по локалните избори каде почнувајќи од мојата позиција па до сите други можат да се менуваат во зависност од резултатот што ќе го имаме на локалните избори, изјави Тачи.
Во однос на можното учество и разговори на ДПА со другите политички чинители околу формирањето на Влада Тачи рече дека Централното собрание го овластило да ги почне разговорите со политичките чинители.
– Мислам дека првиот состанок ќе го барам со Иванов и ќе барам од него да го добијам мандатот за формирање на Влада. Деведесет и девет отсто нема да го добијам мандатот бидејќи Иванов сигурно ќе ми побара да соберам 61 пратеник, но тогаш ќе се обидам да ги соберам како и другите што се обидуваат да ги соберат, рече Тачи.
Лидерот на ДПА најави и дека ќе бара состанок со претседателот на СДСМ Зоран Заев.
-Ќе имам сериозен пристап. Сакам да укажам дека манипулацијата со гласови не е математика туку политика. Ние треба ако сакаме сериозно политички да се разбираме, треба да отвориме сериозен политички разговор. Имаме криза што продолжува и се продлабочува. Многумина стравуваат дека тоа може понатаму да се развие како етничка криза и затоа сите треба сериозно да седнеме и да разговараме, а бројките не се проблем тогаш, посочи Тачи.