Светски ден за борба против СИДА: Навремено тестирање за ХИВ и поддршка на лицата со ХИВ

Од:

Да се подигне свеста кај населението за навремено тестирање за ХИВ, што е најефикасно средство за превенција. Лицата со ХИВ инфекција навреме навреме треба да почнат со антиретровирусна терапија и да преземат мерки за да не се прошири инфекцијата. Во Македонија има бесплатна, квалитетна и современа антиретровирусна терапија.

Ова е пораката која денеска на прес-конференција по повод 1 Декември, Светски ден за борба против СИДА, ја пренесоа претставници на Министерството за здравство и на Институтот за јавно здравје на Македонија.

Според податоците од Институтот за јавно здравје, нови 39 случаи на ХИВ/СИДА се регистрирани годинава во Македонија, од кои 37 од машки пол, а два од женски пол. Шеснаесет лица се заболени од СИДА, а 23 се ХИВ позитивни. Во текот на годинава се регистрирани три смртни исходи од СИДА.

Јованка Костовска од Министерството за здравство рече дека секоја година се повеќе има регистирани лица со ХИВ во европскиот регион.

– СЗО препорачува сите програми и активности на земјите да бидат насочени кон ранливите популации (лица кои инјектираат дроги, мажите кои имаат секс со мажи, сексуалните работни-ци/чки, затворениците и трансродовите лица, подобрување на пристапот до третман и порано отпочнување со него со цел негово излекување и спречување на пренос на инфекцијата, како и промовирање на ХИВ советување и тестирање како превентивна мерка, фокусирајќи се на оние кои имаат најмногу потреба и поддржување на интервенции за намалување на штети кај лица кои инјектираат дроги, рече Костовска.

Потенцира дека за Програмата за заштита на населението од ХИВ/СИДА средствата во 2013 година изнесувале осум милиони денари од кои 1,5 милиони денари се одвојувале за набавка на антиретровирусна терапија.

– Оваа програма во 2014 година е зголемена на 22 милиони денари од кои 18 милиони денари се за лекови и тестови. Во 2015 година програмата е 22 милиони денари со тенденција да се зголемува од кои 18 милиони се за антиретровирусна терапија и тестови, милион денари се за доброволно советување и тестирање, а 1,2 милиони динари за едукација на младите во училиштата, печатење флаери, набавка на кондоми и едукација на здравствени работници. Годинава вметнавме и активности кои вклучуваат соработка со граѓанскиот сектор, истакна Костовска.

Додаде дека грантот од Глобалниот фонд за ХИВ/СИДА, туберкулоза и маларија трет по ред, во висина од 10 милиони евра, почнал во 2012 година и ќе трае до крајот на 2016 година.

Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје рече дека од 1987 до 2014 година во Македонија се регистрирани 236 случаи на ХИВ/СИДА. Во периодот од 1989 до 2014 година во Македонија се регистрирани 160 лица заболени од СИДА и 75 починати.

Посочи дека од вкупно регистрираните 39 случаи, 21 се во Скопје, по три во Куманово, Кочани и во Штип, по два во Свети Николе, Кавадарци и Прилеп, по едно лице во Тетово и во Струмица и еден странски државјанин. Две од лицата со ХИВ/СИДА се на возраст од 10 до 19 години, 16 лица се од 20 до 29 години, 14 се на возраст од 30 до 39 години, 3 лица од 40 до 49 години, а над 60 години се 4 лица.

Додаде дека кај 10 лица имало хетеросексуален начин на пренос на ХИВ, кај 25 лица преку сексуален контакт на машко со машко лице (МСМ), кај три лица е непознат начинот на трансмисија, а кај едно лице инјектирање дрога.

Претседателот на Комисијата за заразни болести и национален координатор за ХИВ/СИДА, Звонко Миленковиќ рече дека во моментов 130 лица со ХИВ инфекција се предмет на континуирани консултации на месечна основа на Клиниката за инфективни болести од кои околу 75 отсто се на антиретровирусна терапија и ефектите се на задоволително ниво.

– Никаде во светот утврдувањето на ХИВ статусот не значи моментно отпочнување на терапијата. Отпочнуваме со ново концептуално решение. Балансот на отпочнување на третманот е сеопфатна проценка која базира на повеќе параметри. Антиретровирусен третман не се отпочнува никогаш додека не се процени моментот кога тој ќе даде максимален клинички ефект, додаде Миленковиќ одговарајќи на новинарско прашање.

Претходно на прес-конференција во име на Платформата на 16 граѓански организации кои работат на програмите за превенција, грижа и поддршка во врска со ХИВ, извршниот директор на Здружението ХОПС-Опции за здрав живот, Христијан Јанкулоски рече дека се уште Македонија во регионот и во светот е една од земјите која има најниска стапка на ХИВ.

– Благодарение на програмите за превенција, третман, грижа и поддршка имаме ниска ХИВ преваленца, посочи Јанкулоски.

Извршниот директор на Здружението за поддршка на луѓето кои живеат со ХИВ „Заедно посилни“, Андреј Сених истакна дека следните две години се последната фаза на финансиска поддршка што Република Македонија ќе ја добие од страна на Глобалниот фонд. Тоа, посочи, значи дека следните две години се и период на транзиција во кои ксите ние како држава треба да направиме стратегија со која ќе го преземеме поддржувањето на овие клучни јавно-здравствени програми преку буџетот на Република Македонија или преку други извори на финансирање.

– Ги поздравуваме чекорите на Министерството за здравство со вклучување на граѓанскиот сектор во планирањето на националната порграма за ХИВ во оној нејзин дел кој е финансиран директно од буџетот. Овој консултативен процес резултираше со заклучок за изготвување маханизам и стандарди за акредитација на граѓанските организации кои во иднина ќе продолжат да бидат имплементатори на активности предвидени со програмата за ХИВ и СИДА. Упатуваме порака за конечно тргнување на стигмата поврзана со луѓето кои живеат со вирусот, додаде Сених.

Во светот 35 милиони луѓе имаат ХИВ од кои новоинфицирани во 2013 година се 2,1 милион, а смртни случаи поврзани со СИДА се 1,5 милиони луѓе. Откога е откриен вирусот починале над 20 милиони луѓе. Сидата е главна причина за смртност кај населението на возраст од 15 до 50 години.

Светскиот ден за борба против СИДА, Сојузот на студенти по медицина во соработка со Студентскиот Парламент на Универзитет „Св.Кирил и Методиј” и асоцијацијата Х.Е.Р.А., го одбележаа со акцијата „Уживај во животот, преземи контрола, СТОП СИДА!“. Тие пред платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ дистрибуираа едукативни материјали и кондоми за студентите. Пред академските граѓани, на Правниот факултет „Јустинијан I“, од страна на претставниците на Х.Е.Р.А. беше одржана трибина како и едукативни предавања за средношколците од скопските средни училиште „Здравко Цветковски” и „Зеф Љуш Марку“.

Би можело да ве интересира

Нови случаи на ХИВ и еден на СИДА во Македонија, сите се мажи на возраст 20 и 39 години

Орце Костов

Бесплатни тестирања за ХИВ и други сексуално преносливи болести од 20 до 26 ноември

За еден месец осум нови случаи на Сида – тројца странци со престој во Македонија

А1он

Маж во Британија заразил девојка со ХИВ, сега, 14 години подоцна, тој мора да оди во затвор

Генерал Игор Кирилов: Американците спроведуваат експерименти со ХИВ инфекција на украински војници

А1он

Иницијатива на млади луѓе за промена на името ХИВ за да се отстрани стигмата

Ана Ололовска