Во организација на Граѓанска асоцијација МОСТ, дванаесет студенти избрани по пат на јавен конкурс, ова лето ја добија неверојатната можност еден месец да се чувствуваат како вистински Европејци. Своите доживувања овие студенти ги преточија во фотографии и ги раскажаа низ есеи.
Денес во ЕУ Инфо Центарот, беше отворена изложбата на нивните фотографии преку кои посетителите можеа да видат како тие ја доживеаја Европа. Во рамките на отворањето беше промовиран и краток филм од почетокот на нивното патување во Берлин. Преку проектот Патуваме во Европа, претставници на најдобрите студенти од Македонија еден месец патуваа низ Европа и се запознаваа со навиките и културите на Европските народи, истовремено промовирајќи ја Македонија.
Водена од изреката “Светот е како книга и оние кои не патуваат читаат само една страница од него” Дајана Димитриеска за своето учество во проектот напиша: „ Целиот концепт и понудените услови беа совршено склопени за еден студент да може да побегне од секојдневието, да го доживее големиот Европски сон а истовремено и да ја доближи нашата Македонија до европските очи. Чувствата кои произлегоа од посетувањето на многубројните места и знаменитости во европските земји, авантурите, новите луѓе, контактот со нови култури, не можат да се доловат и опишат со зборови – мора да се доживеат!“.
Сите 12 студенти пристигнаа во Берлин, каде три дена се дружеа со околу 200 студенти од целиот регион, кои исто така беа дел од проектот. Од тука секој тргна по својот пат. Франција, Италија, Шпанија, Чешка, Словачка, Австрија. Секој имаше можност сам да избере што сака да види и каде сака да ја промовира сопствената земја.
Сеќавајќи се на патувањето Маја Тасевска изјави: „На ова патување сфатив дека со луѓето низ Европа сме еднакви, само живееме со различни културни и традиционални вредности, сите живееме на свој начин, некои слични еден на друг а некои начини се толку различни. Секој треба да почувствува како живеат другите во Европа, и да се впушти во авантура да ги погледне нештата со нивните очи. Мене ова ми беше потребно да сфатам дека она што го носам во себе е духот на Македонија. Ние младите најмногу сакаме да ги менуваме нештата во нашата земја, но мислам дека за да се смени нешто на глобално ниво секој треба да почне од себе со промената.“
Дополнителна вредност на проектот е што истиот придонесе за позитивно претставување на Македонија на обичните граѓани на ЕУ. Секој студент дистрибуираше брошури во кои беа претставени значајни знаменитости од Македонија. Ова е шеста година по ред како студентите на овој начин придонесуваат за позитивна афирмација на земјата.
Со помош на донаторите и спонзорите на проектот, МОСТ на студентите за времетраење од 1 месец, им обезбеди Inter Rail карта, за неограничено патување со воз, патничко осигурување и ISIC картичка од Аурора Турс. Дел од потребните средства за патување на платежна картичка ги донираше НЛБ Тутунска банка. Сите информации за проектот и слики од патувањето достапни се на www.patvoevropa.org.mk, како и на ФБ страната на проектот www.facebook.com/PatuvameVoEvropa .