На денешното рочиште за случајот „Монструм“ кој се однесува на петкратното убиство кај Смилковско езеро во 2012 година, сведокот повикан од страна на одбраната, Рамадан Мурати во своето сведочење истакна дека на 12. април, денот кога се случи немилиот настан. работел на нивите кај Смилковско езеро кои ги поседува обвинетиот Фејзи Азири. Мурати тврди дека ниту тој ден, ниту пак неколку дена претходно Азири не бил во близина на Смилковското езеро. За останатите обвинети Мурати кажа дека не ги познавал и дека не ги забележал во околината каде што се работел тој ден.
Сведокот Мурати исто така кажа дека во текот на целиот ден, се до неговото заминување од нивите кај езерото, не слушнал никакви истерли ниту пак не забележал нешто невообичаено. Тој рече дека од нивите кај Смилковско заминал кога почнало да се стемнува односно во 20 часот.
Откако адвокатите на обвинетите завршија со испрашувањето на сведокот, обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи изјави дека денешниот исказ на Мурати е во голем дел контрадикторен со оној кој го има дадено на првото судење за случајот на 27.06.2013 година. Според Фетаи контрадикторноста се јавува првично во часот кој го споменува Мурати кога заминал од Смилковско езеро, а потоа и во однос на вработените кои ги ангажирал да работат на нивите.
-Во првиот исказ имате напоменато дека местото сте го напуштиле во 19 часот, денеска кажавте во 20. Исто така денеска рековте дека за работа на нивите биле ангажирани вашите роднини, додека пак во првото сведочење сте кажале дека за работа на нивите сте ангажирале работници од Шутка, Косовари кои дошле како бегалци, рече Фетаи.
Обвинителката на почетокот од судењето побара забрзување на судскиот процес за „Монструм“. Фетаи, со оглед на големиот број предложени сведоци, побара на рочиштата да се испрашуваат поголем број на сведоци. Таа исто така реагираше и на тоа дека одбраната донела нова група на сведоци без да се слушне мислењето на Обвинителството за истите, нешто што е предвидено во Законот за кривична постапка.
Фетаи во групата сведоци предложени од одбраната препозна двајца кои сведочеле и во првата постапка, пред Врховниот суд „Монструм“ да го врати на повторно судење, меѓу кои и сведокот Рамдан Мурати. Обвинителката ги подучи адвокатите на одбраната дека за да се изнесат нови сведоци, потребно е прво да сведочат оние кои претходно сведочеле во постапката.
Виктор Јованов