Новите моменти во судскиот процес за 27 април влијаат врз работата на координативното тело за помирување и интеграција, особено во подготовката на новиот закон за амнестија, кој, според најавите, требаше да биде готов до утре. Неофицијално, работата закочила по сведочењата на некои од обвинетите, кои дадоа нова димензија на настаните од 27 април и кои во притвор го одведоа и ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски.
Некои од пратениците од независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои се во работната група, велат дека, најверојатно, утре нема да се одржи состанок, ниту ќе биде доставена нацрт-верзија на законот за амнестија, но оптимисти се дека сепак процесот на помирување ќе биде заокружен бидејќи има договор со власта.
Сепак, тие не откриваат како конечно ќе се селектира кој и како ќе биде амнестиран, со образложение дека траат консултациите со правните експерти и дека има неколку можности за правење на правната дистинкција меѓу организаторите, нарачателите и оние што не биле насилни во Собранието на крвавиот четврток.
Вчера од телото за помирување се пофалија дека за трите сегменти во процесот – помирувањето, интеграцијата и реформите, добиле поддршка од европратениците Мекалистер и Фленкенштајн, кои беа во посета, а слична порака стигна и од кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери, дека ќе произлезат конкретни закони во повеќе сегменти, без преминување на црвените линии за владеење на правото и правната држава, особено за превенирање насилство за остварување одредени цели.
Галена Николовска-Ризвановиќ