Католичките верници денеска го одбележуваат Раѓањето Христово-Божик. Традиционално во Македонија, централната прослава по повод празникот се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде имаше свечена литургија.
Бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов, честитајќи им го празникот Божик на католичките верници на литургијата ја прочита божикната порака.
– Драги браќа свештеници, чесни сестри, драги верници, браќа и сестри во Христа. Божик е. Секоја прослава на овој празник не потсетува на почетокот на нашето спасение. Во центарот на тоа таинство е Бог кој стана човек. Додека во центарот на Божјото дело е човекот што според оваа Божја одлука добива наследство во Божествената природа. Како и секоја година така и ова празнувајќи го овој ден стоиме пред таинството. За да го разбереме тоа таинство треба подлабоко да навлеземе во нашата внатрешност, а да се отвориме кон оној што Бог преку овој настан на спасителната историја ни го порачува. Сите вас Ве поздравувам и Ве повикувам да се обидеме со заедничко размислување барем донекаде да го разбереме таинството кое го славиме.
Ако човештвото се наоѓа во криза на вредност и идентитет на човекот тогаш и достоинството и вредноста и идентитетот може да му ги врати само Бог. Секое ветување е утопија, секој договор е безуспешен ако нема место за најголемата вредност на човештвото а тоа е влез на Божјиот Син како човек во нашата историја. Нема Божик и не ќе можеме да го славиме ако за Бог нема место меѓу нас.
Браќа и сестри, секој Божик е неповторлив настан. Овој Божик во Годината на верата на свој начин е голем предизвик. И овој Божик Марија ќе намине покрај нашата куќа и тивко ќе тропне на вратата барајќи пристап во нашиот дом. Тоа нејзино тропање не може да се чуе со уво, туку со срце. Затоа нека ни биде отворено срцето да чуеме кога ни доаѓа Христос за да можеме да го примиме, да поверуваме и искрено да можеме радосно да посведочиме: денес го сретнав Христос Спасителот!
Со тие мисли кои ни малку не се лесни, а верски вистинити кои за нас се задолжителни, Црквата и јас како Пастир го гледам единственото наше послание да помогнеме на секој човек да биде повеќе човек и да биде среќен зашто Бог не нè напушти, туку како што некогаш им говорел на нашите предци преку пророците, така денес ни зборува преку Синот, не обврзува да го пренесуваме Синот со својот начин на живот до сите луѓе со добра волја. Во тие мисли на сите Вас нека Ви е честит и благословен празникот Рождество Христово – Божик. Христос се роди!, се вели во божикната порака на бискупот скопски Киро Стојанов.