„Сваровски“ судијката повторно го опструира случајот „Тврдина“ во кој СЈО сомничи седум лица за кривично дело фалсификување на службена исправа и уништување на документација од Управата за безбедност и контраразузнавање.
Судијката донесе одлука дека Специјалното јавно обвинителство мора да набави акт со кој доказите од незаконски набавените разговори ќе можат да се употребат во судска постапка.
-Од судот бевме задолжени да побараме од органот кој што ги издал тие податоци дозвола за тие да можат да бидат искористени во рамка на судска постапка односно да бидат декласифицирани со степен на употреба за судска постапка, рече Ленче Ристоска додавајќи дека ова значи кратко одложување и дека се надева дека ќе успеат да го надминат овој дел со недоразбирањето со судот иако за нив не постојат никакви пречки.
Како што рече Ристеска, од страна на судијката биле известени дека не се работи за главна расправа туку за рочиште за подготовка на главната расправа во која се дебатираше тоа дали постојат или не постојат пречки судот да постапува по доказите кои што се класифицирани, и се предложени од страна на СЈО.
-Ние се обидовме да го појасниме нашето становиште на судот дека таквите докази не се пречка да бидат изнесени во натамошната постапка. Не е за судот непознато да постапува по квасифицирани информации особено што и законот такво нешто не забранува односно дозволува, вели Ристеска.
Од СЈО очекуваат соработка со УБК бидејќи постои законска обврска согласно член 9, став 9 од законот за специјално јавно обвинителство кој вели дека сите органи се задолжени да соработуваат со обвинителството.
Виктор Јованов