Кривичниот суд ги одби приговорите на тројца од обвинетите за случајот „Трезор“, соопштија денес од судот.
„Советот за оценка на обвинителен акт на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје кој постапува во оценка на обвинителниот акт на СЈО во предметот означен како ‘Трезор’, постапувајќи по приговори на тројца од обвинетите поднесени против обвинителниот акт, а изјавени преку нивните бранители, донесе решение со кое приговорите ги отфрли како недозволени“, соопшти Кривичниот суд.
Од таму, исто така, соопштија дека како неоснована е отфрлена и жалбата на еден од обвинетите во предметот „Триста“.
„Претседателот на судечкиот совет на одделение за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје кој постапува во предметот означен како ‘Триста’, постапувајќи по поднесена жалба на одбраната на обвинетиот против решението со кое е одобрен обвинителниот акт, донесе решение дека жалбата се отфрла како неоснована со образложение дека во делот на правната поука е наведено дека против ова решение не е дозволено право на жалба“, велат од кривичниот суд.