Судењето за петкратното убиство кај Смилсковото Езеро, во април 2012 закажано за в понеделник ќе биде одложено, бидејќи судија-поротник е заразен со коронавирусот. Рочиштето е презакажано за две недели, кога истекува решението за изолација и домашно лекување.
„Следниот термин за главна расправа, согласно истекот на деновите за излација на судијата – поротник, е насрочен за 11.12.2020 година во 12:30 часот, а насрочен е и дополнителен термин за 15.12.2020 год. во 10:00 часот, за што се известени странките во постапката“, информираат од Кривичниот суд.
Претходното рочиште го одложи боледувањето на адвокатот Асмир Алиспахиќ, бранител на дел од обвинетите во случајот „Монструм”. Тогаш, судот му одреди и притвор на обвинетиот Агим Исмаиловиќ.
Случајот „Монструм” кој по одлука на Врховниот суд, повторно се суди во Кривичен суд Скопје, и моментално е во фаза на доказна постапка. Судењето за овој предмет го води судијата Огнен Ставрев, додека застапници на обвинението се обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.
Во случајот „Монструм“, за петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, се обвинети Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута.