На денешното рочиште за случајот „Тортура“ во скопска Апелација дојде само адвокатот Миле Петровски. На судењето не дојдоа Сашо Мијалков, екскомандантот Ивица Антевски-Пуки и другите обвинети.
Откако судијката увиде дека адвокатот Петровски нема уредно полномштво, таа го замоли да ја напушти седницата. Обвинителите на СЈО останаа сами со тричлениот судски совет. Станува збор за 35 „бомби“ за кои Апелацискиот суд треба да одлучи дали ќе бидат користени како доказ.
СЈО останува на ставот дека бомбите треба да бидат доказ во предметот „Тортура“, при што обвинителот Љубомир Лапе рече дека СЈО ги прибавило законски бомбите. Тој побара судиите да ја уважат жалбата на СЈО и да се преиначи решението.
Судиите на Апелацискиот суд на јавна седница денеска требаше да одлучуваат дали прислушуваните материјали може да се користат како доказ во предметот „Тортура“. Станува збор за предметот за апсењето на Љубе Бошкоски, лидер на „Обединети за Македонија“, во случајот „Кампања“, во кој првообвинет за тортура е ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков. Второобвинет во овој случај е екскомандантот на „алфите“, Ивица Антевски-Пуки. Сите седум обвинети се товарат дека сториле кривично дело мачење и друго сурово, нечовечко постапување и казнување од Кривичниот законик.
Обвинителниот акт го оценуваше судијката Моника Бахчовановска. Кривичниот суд донесе решение со кое „бомбите“ на СЈО се отфрлаат како доказ во постапката. СЈО вложи жалба до второстепениот суд. По овој предмет, скопска Апелација треба да одлучува уште за најголемиот предмет „Титаник“. Во сите други случаи Апелација одлучи бомбите да бидат доказ во постапката.
В.М.