Одложено рочиштето за случајот „Труст“ во кој првообвинет е сопственикот на „Трансмет“ и „ТВ Нова“, Сеад Кочан за злоупотреба на постапка за јавен повик и доделување договор за јавна набавка. Заедно со Кочан за истите дела се товарат Василие Авировиќ и уште едно лице.
Адвокатите на обвинетите се пожалија дека не добиле листа на докази, па адвокатата на второобвинетиот, Сања Алексиќ, побара да им биде доставена листата како би можеле да ја подготват одбраната.
Во случајот „Труст“ станува збор за тендерот што во 2011 година го распиша „ЕЛЕМ“ за ископување јаловина и јаглен од рудникот „Суводол“ во Битола. Три фирми, здружени во конзорциум се обвинети дека со доставување фалсификувани документи за сопственост на механизација и за кадровска екипираност, го добиле тендерот на ЕЛЕМ, вреден 1,06 милијарди денари или 17.235.772 евра.
Во овој случај се обвинети и три правни лица: „Транс Mет“ од Скопје,, „Силекс“ од Кратово и „Вато“ од Студеничани. Oбвинетите доставиле лажна документација во која прикажале наводна сопственост на тешка механизација за ископување, која ја немале и не ја набавиле, а таа што ја имале била со помал капацитет.