Субвенциите за велосипеди и инвертери утре пред антикорупционерите

Од:

Десетина пријави за злоупотреба на буџетски средства стигнале до Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) од почетокот на кампањата за претседателските избори. Антикорупционерите велат дека сите се од ВМРО-ДПМНЕ, а се однесуваат за огласите за субвенции за велосипеди и за инвертер клима-уреди, за вработувања во Агенцијата за вработување, за исплатените долгови на лозарите и ред други забелешки за кои партијата веќе извести.

„Утре ќе имаме седница на која ќе бидат и подносителот на претставките, односно ВМРО-ДПМНЕ, и оној против кого е поднесена претставката за да утврдиме дали има прекршување на законите и злоупотреба на буџетски средства. Претставките се поднесени последнава недела по почетокот на изборната кампања“, велат од ДКСК.

Државната комисија за спречување на корупцијата минатата недела информира за пропишаните забрани за постапување на државните органи во изборниот процес во согласност со новиот Закон за спречување на корупцијата и судирот на интересите. Во периодот од донесувањето на одлуката за распишување избори до завршување на изборите, според Законот, не може да се почне изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата, како патишта, водоводи, далноводи, училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно не се обезбедени средства од буџетот. Не може да се вршат исплаќања плати, пензии, социјална помош или други материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати, а не може да се почне ниту постапка за вработување или постапка за прекин на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.

ВМРО-ДПМНЕ минатата недела извести дека поднеле 12 приговори за случаи во кои сметаат дека има кршење на Изборниот законик и коруптивно однесување. Приговорите се за јавниот повик за практикантство во Агенцијата за вработување од 25 февруари, за субвенциите за велосипеди на Град Скопје, за реконструкција на улицата Јуриј Гагарин во општина Карпош, за субвенциите за инвертер клима-уреди на Град Скопје, за градежна офанзива во Штип, за финансиска поддршка во земјоделството, за 10 нови вработувања во Ново Село, за вработувања во „Македонијапат“ и за 150 пакети за социјално загрозени семејства во општина Центар.

Седницата ќе се одржи утре во Клубот на пратениците со почеток во 12 часот.

Маја Илиевска-Пачемска

Би можело да ве интересира

ДКСК: Владата и Апелациските судови не доставиле податоци за бројот на службени возила

Орце Костов

Пријави за Арсовска и за повеќе општини на седницата на ДКСК

Антикорупциска испитувала непотизам на битолскиот универзитет: Вработен професор кој бил второрангиран

ДКСК ја проширува иницијативата до ОЈО ГОКК за сомнежи за несовесно работење и злоупотреба на службена положба од поранешни раководни лица на АД ЕСМ

ДКСК ќе ја дополни иницијативата за кривичното дело за „Трансмет“

Антикорупциска ќе ја информира Владата за непостапување на УО на ФЗО по нејзин заклучок